Актуелно
Започна гласањето за најдобрите во македонската е-трговија за 2023 година
Започна гласањето за најдобрите е-трговци во Македонија за 2023 година, во рамките на „E-commerce Awards 2023“, настан организиран од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ). Во ова трето издание на изборот се натпреваруваат 165 е-трговци во 24 категории.
Процесот за наградување на најдобрите е-трговци започна со номинирање на е-трговците на официјалната веб страница на натпреварот, кој траеше до 10ти јануари 2024, на кој се пријавија 165 е-трговци. Најмногу од компаниите се пријавени за категориите „Е-трговец со најдобра грижа за корисници“, „Е-трговец на годината“, како и „Најпопуларна е-продавница“. По проверка и валидација на сите номинирани согласно Правилникот е-трговците кои ги исполниле условите на натпреварот беа објавени во листата на номинирани е-трговци во соодветните категории на официјалната веб страница на E-commerce Awards.
Гласањето е сега отворено за јавноста и сите кои сакаат да го дадат својот глас за нивните омилени е-продавници може да го сторат тоа и да изразат поддршка за нивната работа.
Едно лице може да гласа само еднаш и при тоа, гласа во категории по сопствен избор и може да даде еден глас во секоја категорија. Две категории се задолжителни за гласање: „Е-трговец на годината“ и „Најпопуларна е-продавница“, додека сите други категории се опционални. Гласањето од страна на публиката е бесплатно, едноставно и достапно до сабота, 10.02.2024, до крајот на денот. Гласањето може да се направи на следниот линк.