Актуелно
Јанева: СЈО продолжува без оглед на одлуката на претседателот
Без оглед на настаните кои се случија во изминатите два дена Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ќе продолжи да работи за да ги заштити интересите на граѓаните на Република Македонија, врз основа на Законот за јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникации и другите законски процеси, нагласи денеска на прес-конференција обвинителката Катица Јанева.
За ефиканоста на СЈО, рече таа, сведочат покренати пет истражни постапки за вкупно 36 лица.
– Почитуваниот претседател Иванов ќе има многу работа бидејќи ние имаме намера да покренуваме многу, многу истраги во врска со сите прислушувани разговори и за финансиски истраги, рече Јанева и додаде оти истрагите интензивно се водат во СЈО.
Од сите постапки кои се во тек, информира, досега имаат податоци дека во периодот од 2008 до 2015 година од Буџетот на РМ во приватни џебови се одлеани голема сума пари.
– Во овој момент не би ја кажала сумата, но да знаете дека имаме сознанија дека се работи за голема сума пари која е одлеана во приватни џебови, рече специјалната обвинителка Јанева.
Таа осврнувајќи се на важноста на конфискацијата во кривичната постапка, истакна дека никој не може да ја задржи непосредната и посредна имотна корист прибавена со кривично дело. Во оваа насока го цитираше член 97 став 3 од Кривичниот законик кој вели: „Одлука за конфискација судот ќе донесе во постапка определена со закон и кога од фактички и правни пречки не е можно водење на кривична постапка спрема сторителот на делото“.
Информира дека ќе има проширување на предметот „Титаник“ во делот на финансиска истрага и во делот на други дела и за други лица.
На прес-конференцијата Јанева потсети дека Република Македонија ги има ратификувано најзначајните меѓународни инструменти со цел сузбивање на транснационалиот организиран криминал во кои се пропишани обврски за примена на мерката конфискација во однос на сите приноси остварени со кривични дела. Ги спомена Конвенцијата од Палермо од 2000 година, како и Стрзбуршката и Варшавската конвенција на Советот од Европа.
– Ова Јавно обвинителство во иднина интензивно продолжува и покрај другите и со финансиски истраги со цел незаконски стекната и стекнатата имотна корист да се врати во Буџетот на РМ, односно на граѓаните на Република Македонија, беше децидна Јанева.
Обвинителката Ленче Ристовска истакна дека во врска со одлуките за аболиција на претседателот Ѓорги Иванов, СЈО не било консултирано, ниту пак било побарано од него да донесе вакви одлуки.
– Потврдуваме дека СЈО му нема дадено на претседателот никакви податоци, како за лица кои се веќе јавно објавено и се водат истражни постапку, така и податоци за лица за кои се водат предистражни постапки. Немаме дадено податоци ниту за кои се активности се водат предистражни постапку, ниту пак кои лица се опфатени. За неговата одлука дознавме од неговата прес-конференција, изјави Ристовска и информира дека одлуките биле доставени до СЈО.
Таа рече дека се доставени многубројни одлуки за кои во тек е анализа за тоа дали и во колкав обем од податоците со кои претседателот располагал биле јавно објавени, а колку од нив се доверливи податоци кои произлегуваат од предистражни постапки.
– Откако ќе завршиме со анализата и ќе собереме доволно докази за тоа од каде доаѓаат и од чија страна се објавени вакви доверливи информации и доколку утврдиме дека вакви доверливи информации се објавени, ќе преземеме соодветни активности, тие лица да сносат соодветна одговорност, рече Ристовска.
СЈО, истакна, не може да ја коментира листата на сите лица кои претседателот Иванов ги аболираше, туку може да ги потврди лицата за кои јавно има објавено дека се води истражна постапка, но и не за оние за кои се водат предистражни постапки.
– Точно е дека беа аболирани јавни обнвинители во СЈО. Во името на сите ЈО кои беа аболирани, ве известувам дека не ги прифаќаат аболициите од Претседателот затоа што претставува грубо кршење на индивидуалните права на јавните обивнители, како човекови права со ставање во ист кош, со лица за кои ние имаме докази кои упатуваат на сериозни сомнененија за сторени кривични дела. Со таквиот чин на аболиција на Јавни обивнители директно се влијае на нивната чест и углед, истакна Ристовска.
На прашањата што ќе биде предмет на работа на СЈО откако сите лица за кои се водат истражни постапки до овој момент се опфатени со аболицијата, Ристовска меѓу другото појасни дека ќе се истражуваат кривичните дела кои се уште не се истражени односно против лица кои не се опфатени со аболицијата.
– Никој не може да ја задржи имотната корист која е прибавена со кривично дело. одлука за конфискација носи судот и во случај кога постојат правни пречки за водење кривична постпка, како што се аболициите, сепак тоа не значи дека имотната корист што ја прибавиле треба сда се остави кај тие лица. Со одземањето имотната корист, се одзема и мотивот за сторување на кривични дела во иднина. Укажуваме дека ние имаме законска обврска да ги продолжиме постапките за конфискација на имтото прибавена од кривична дела и враќање на граѓаните на РМ, рече Ристовска.