Актуелно
Јанева со три барања пред пратениците
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска пред собраниската Комисија за политички систем соопшти три барања кои според неа ќе ја олеснат работата на Обвинителството. Иако најавено, таа во обраќањето не го презентираше шестмесечниот извештај, но кажа дека ќе одговири на сите прашања во врска со него.
Јанева побара измена на Законот за Специјалното јавно обвинителство односно на член 22 и да се пролонгира рокот од 18 месеци за да може до крај да се истражи кој незаконски прислушувал.
Таа исто така повтори дека се потребни измени на Законот за заштита на сведоци, како и имплементација на препораките на Венецијанската комисија. Важен е интересот на граѓаните, рече Јанева. Наведе дека не се плаши да одговори на ниту едно прањање и оти има целосна поддршка од поранешниот премиер Никола Груевски.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски во реплика постави низа прашања до Јанева, но таа не одговори на ниту едно бидејќи пратениците не беа договорени за редоследот на обраќања. Кога Јанева доби можност за одговор рече дека ќе се произнесе на крајот од седницата.
Илија Димовски ја праша Јанева каде се потрошени над 60 милиони денари за што недостасуваат информации во финансискиот извештај што таа го има ставено во шестмесечниот извештај на СЈО. Димовски исто така праша како се одвива процесот на ангажирање на истражувачи, советници и експерти во СЈО, дали има јавни огласи или дали тоа го прави врз основа на лично наоѓање, образложувајќи дека поголем дел од ангажираните лица во ова Обвинителство се побрзуваат со опозициската СДСМ.
Според него, во Извештајот недостасуваат описи на сите поединечни постапки кои ги води СЈО. Дали Јанева мисли дека дозволила во јавноста да се добие впечаток дека работи пристрасно за една политичка партија, односно за СДСМ, потоа, продолжи Димовски, дали СЈО има отворено случаи против лидерот на СДСМ Зоран Заев во врска со превозот на ученици бидејќи Општината Струмица плаќала трипати повеќе средства од Битола за оваа намена, од друга страна, рече тој, има постапка против битолскиот градоначалник Владимир Талевски.
– Зошто во ист момент не постапивте исто за сите градоначалници, праша Димовски.
Поседувањето на незаконски стекнат прислушуван материјал, рече Димовски, е кривично дело и праша што и колку материјали СЈО примила од лидерот на СДСМ Зоран Заев, дали СЈО односно Јанева презела мерка за преземање на останатите прислушувани материјали бидејќи, според него, а повикувајќи се на изјавите на Заев, двојно од прислушуваните разговори ги нема. Исто така праша дали Јанева повела истрага за истекувањето на прислушувани материјали во јавноста затоа што, според него, постои можност во тоа да биде вплеткан на пример и некој член од нејзиниот тим.
Димовски се наврати на случајот со приведувањето на градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко и нарушувањето на човековите права во врска со ова приведување бидејќи, како што рече, лицата што влегле во неговиот дом не се идентификувале, ниту покажале документ врз основа на којшто го прават тоа и го малтретирале пред неговите деца.
– Дали имало таков документ, праша координаторот на ВМРО-ДПМНЕ и потсети дека Темелко е личност кој што е особено важен за македонското движење во Албанија и воопшто бидејќи тој е единствен градоначалник Македонец избран во Албанија.
Во врска со барањето на Јанева за пролонгирање на рокот, Димовски потсети дека таа пред осум-девет месеци кажала дека нема потреба од толкав број обвинители да работат во нејзиниот тим заради обемот на работата на СЈО.
– Можам слободно да кажам дека нема атмосфера во Собранието на Република Македонија да ви излезе во пресрет за барањето на рокот, но ако имате желба и намера да го зајакнете тимот и да ги вратите тие две обвинителки или да побарате други обвинители да бидат вклучени во тимот, или да побарате дополнителни лица да ви помогнат во брзината на работата, подготвени сме да разговараме, рече Димовски.
Потоа, тој се осврна на прес-конференциите на Јанева за кои кажа дека биле изнесувани доволно податоци и информации коишто несомнено укажувале на лицата коишто се опфатени во постапките коишто ги води СЈО и оти без разлика на тоа што не се јавно спомнати нивните имиња, прекршена е пресумпцијата на невиност.
Димовски уште праша како во СЈО се одлучува за тоа која постапка ќе биде отворена бидејќи, како што кажа, се добива впечаток дека тоа се прави во координација со СДСМ, а од друга страна во јавноста имало информации дека членови на тимот на Јанева оделе на состаноци во седиштето на опозициската партија. Димовски ја праша Јанева врз основа на што поднела иницијатива за преземање на предметот „Поткуп“.
Во еден момент од репликата на Димовски, Јанева рече дека очекувала прашања за Извештајот но, оти ова што го кажува координаторот на ВМРО-ДПМНЕ ги надминува неговите рамки.
Потпретседателката на Собранието и пратеник од СДСМ Рената Треновска Десковска по паузата која беше дадена на Комисијата за политички систем, во реплика истакна дека СЈО во изминатата година било најдемонизираната институција, но дека ова Обвинителство ја разбудила вербата во правдата во Република Македонија и покажало дека во Македонија нема „заштитени мечки“.
Треновска Десковска зборуваше за шестмесечниот извештај на СЈО посочувајќи дека во него стои дека ова Обвинителство се соочува со опструкции во однос на формирањето на тимовите, дека постојат потешкотии во соработката со институциите, како и дека се уште има одбивање одредени предмети да бидат дадени на увид.
Независните пратеници реагираа дека со долгите реплики и контрареплики меѓу власта и опозицијата се прават обиди Јанева да не може да одговори на ниту едно прашање.
Претседателот на Комисијата Ѓорчев, по кусата пауза и координацијата со пратеничките групи, рече дека Комисијата денеска ќе работи до 18 часот со пауза од еден час и дека е договорен редоследот на реплики и обраќање на пратениците.