Вести
Бесплатен превоз во автобусите во Скопје
Поради големата загаденост на воздухот Градот Скопје донесе одлука за бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници.
Ова е една од мерките што ги донесе Градот Скопје и стапуваат на сила веднаш, а ги објави градоначалникот Петре Шилегов.
Бесплатниот превоз ќе биде овозможен се до моментот на намалување на загадувањето, за што јавноста дополнително ќе биде известена.
Тој ги повика сите градоначалници од Скопскиот плански регион да помогнат во субвенционирањето на јавниот транспорт за полесно да се поднесе новонастанатата ситуација.
Меѓу мерките, како што посочи градоначаникот, е прекин на сите градежни активности на градилиштата под негова надлежност и ги повика сите градоначалници од општините во град Скопје да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност.
Информираше дека во изминатите денови е вршен интензивен инспекциски надзор на 30 Б инсталации и 36 инсталации што подлежат на одобрување на Елаборат за животна средина, со мерење на емисии во воздух при што е утврдено дека ниту една инсталација не ги надминува граничните вредности.
Интензивирана контрола имало и на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата, што мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината. Комуналните инспектори на Град Скопје направија 1.234 контроли и изрекоа 25 казни на компании заради непочитување на одредбите од Законот за јавна чистота.
Се задолжува ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното чистење и миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им препорачува на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност.
Градоначалникот истакна дека Градот Скопје врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување стока преку Инспекторатот на Град Скопје, а воедно го повика и Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од Град Скопје.
Апелираше до вработените во Град Скопје на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз, а службените возила на Градот Скопје ќе се користат исклучиво за потребите на градскиот инспекторат.
Ги повикува градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла, а Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9:30 до 14:30 и по 18 часот.
Побара Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции, од Министерството за внатрешни работи побара да ги зајакне контролите за почитување на забраната за движење тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје, а кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација. Од Министерството за внатрешни работи побара да врши и зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот.
До граѓаните апелираше да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.
Воздухот во Скопје завчера, вчера и во текот на ноќта е загаден. Концентрациите на ПМ10 честичките се надминати по неколку пати и на некои мерни станици достигнуваа и над 500 микрограми на метар кубен.
Заради загадувањето и Владата донесе мерки што стапија во сила од утринава.