Актуелно
Бојкотот на средношколците се радикализира: Од утре ќе се блокира улицата пред МОН
Насловната фотографија е преземена од ТВ Телма
Од Средношколскиот пленум преку соопштение за јавноста информираа дека матурантите ќе ја исполнат техничката обврска за пријавување државна матура, чиј четврти рок завршува денеска.
Но тоа, според „пленумот“, не значи компромис со МОН, напротив преговорите со ресорното министерство, бојкотот на наставата и кампот во Паркот на новинарите продолжува со организирани активности и агенда, а за утре од 17 часот е најавен нов протест и блокирање на улицата пред МОН.
Средношколците, заедно со родителите потврдија дека во следните два дена ќе се блокира улицата пред Министерството за образование и наука со цел да се добие посакуваната цел од страна на власта, односно одложување на екстерното тестирање.
– „Иако ова се четврти по ред пријави, а МОН потписот на пријавите пробува да го спинува како начин дека е постигнат некаков компромис, што воопшто не е точно, сепак, нашата борба продолжува. Не се откажуваме од барањата! Со потпишувањето на пријавите за разлика од МОН покажуваме разумност, сакаме да положиме матура на време, да бидеме академски граѓани кои ја сакаат и ќе успеат во својата држава. Нашите барање се истрајни, разбирливи, разумни. Екстерното тестирање бараме да се усоврши, а во однос на матурата ова мора барем овие четири години да важи. Со ова потпишување не се откажуваме, не ги оставаме на цедило помалите ученици, туку напротив, ние ќе потпишеме бидејќи сакаме на време да завршиме со учебната година и се грижиме за своето образование. Меѓутоа, ние ќе останеме тука, бојкотот и преговорите продолжуваат сè додека не ја издвојуваме нашата борба, која е за подобро и поквалитетно образование!“, информираше денеска Калина Прелиќ од Средношколскиот пленум.