Вести
Богданци се изјасни против изградбата на рудници
Речиси сто проценти од граѓаните на општина Богданци кои излегоа на референдум се изјанија против продолжување со работа на рудникот „Казандол“ и отворање на рудници на територијата на општината, потврди Општинската изборна комисија по сумирањето на резултатите.
– Од вкупно запишаните 6.918 граѓани на референдумот по двете прашања се изјасниле вкупно 4.321 или околу 62 отсто од гласачкото тело што значи дека референдумот во општина Богданци е успешен, изјави Венера Зелева, претседател на ОИК Богданци.
Зелева нагласи дека 4.120 граѓани се изјасниле против продолжување со работа на рудникот „Казандол“, а 4.126 од излезените гласачи биле против отворање на рудници на територијата на општина Богданци.
Референдумското изјаснување на граѓаните на општина Богданци минало во најдобар ред, а резултатите од него се обврзувачки за локалната самоуправа.
Следната недела по истите прашања на референдум ќе излезат граѓаните на општина Дојран.