Актуелно
Бремените и болните над 60 години ослободени од работа до 4 август
До 4 август ќе продолжат да важат донесените препораки за ослободување од работни обврски на бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години, како и препораките да се избегнува вршење градежни активности на отворено во периодот од 12 до 17 часот, соопшти Министерството за здравство.
Продолжувањето на препораките, кои важеа и минатата недела (од 22-ри до 28 јули) е поради најавата на метеоалармот од Управата за хидрометеоролошки работи – дека до крајот на неделата ќе продолжат високите температури над 40 степени. Министерството наведува дека во претстојниот период континуирано ќе се следи состојбата и ќе се преземаат соодветни мерки според временските состојби.
Министерството за здравство потсетува на општите препораки за заштита од високите температури, согласно Акцискиот план за заштита од топлотни бранови:
– Во текот на екстремно топли денови, се препорачува престој во затворени климатизирани простории, а при неопходен престој на отворено, да се овозможат почести одмори под сенка.
– Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце и заштитни очила и капа. При сончање се препорачува да се користи крем со висок заштитен фактор.
– Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.
– Да се внесуваат големи количества течности (најдобро обична вода за пиење), а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
– При влегување во возило, потребно е одреден период да се проветри возилото.
– Хронично болните лица треба редовно да ја земаат пропишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, како и термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката (доколку тоа не се направи, подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употреба да се загрее на + 100 степени).
Се препорачува да се избегнува консумирање производи кои не се термички обработени, како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.
Министерството потсетува и дека во сите градови низ државата се поставени пунктови за превентивни препораки и совети за заштита од високите температури. Пунктовите функционираат секој ден во периодот од 18:30 до 21:30 часот. На пунктовите се врши мерење на крвен притисок и се даваат совети за превенција од топлото време и за здрав начин на живот.