Актуелно
Бродец и Шипковица отсечени поради невремето
На територијата на Република Македонија во околината на Тетово се случи големо невреме проследено со силен дожд, ветер и грмотевици.
Како што информира Дирекцијата за заштита и спасување врз основа на добиените податоци од терен, зафатени беа селото Бродец и село Шипковица.
– Патот меѓу двете села е одсечен во должина од 200 метри и оштетен во должина од 10 метри. Вработените на Дирекцијата за заштита и спасување започнаа активности за координирање и процена на настанатата состојба за итно организирано решавање на истата, стои во соопштението од ДЗС.
Од Дирекцијата за заштита и спасување, воедно информираат дека продолжуваат да ја следат состојбата на теренот и за секоја новонастаната состојба во континуитет ќе известуваат.
Невреме проследено со силен дожд, ветер и грмотевици го зафати и главниот град Скопје. Откорнати се дрва и поплавени улици, а делови од градот се без електрична енергија.