Вести
Бури, поплави и торнада во Тексас и Оклахома: Бројот на жртви се искачи на 18
Бројот на жртви достигна 18 лица во бурите, поплавите и торнадата, што изминатите пет дена ги зафати американските сојузни држави Тексас и Оклахома, соопшти американската телевизија Си-Ен-ЕН, пренесува ТАСС.
На пограничните територии на Мексико загинале вкупно 13 лица. Неколку десетици се водат како исчезнати.
Засега нема точни податоци за штетите предизвикани од природната катастрофа, бидејќи поради поплавите е отежнат пристапот до голем број погодени рагиони. Според првичните информации стотина куќи се целосно уништени, а десетици илјади семејства се без електрична енергија.
Бројот на жртви во Тексас може да се зголеми бидејќи голем број луѓе се уште се во неизвесност. Рекордните поплави уништија стотици куќи, однесоа мостови и изолираа некои делови од земјата. Над 2.500 автомобили се оставени на улиците и магистралите во регионот на Хјустон, додека над 100.000 домаќинства се останати без електрична енергија во четвртиот по големина град во САД.
Претседателот Барак Обама вчера изјави дека го уверил гувернерот на Тексас Грег Абот дека може да очекува помош од федералните власти за справување со поплавите.
Во 40 окрузи на Тексас прогласена е вонредна состојба.