Вести
Дедомразовска трка во центарот на Скопје
Во центарот на Скопје денеска ќе се одржи трета дедомразовска трка како дел од празничната новогодишна програма на главниот град. На трката за учество се пријавени над 400 лица од различна возраст облечени како Дедо Мраз, а должината на патеката за трка е два километра.
Таа ќе почне напладне од плоштадот „Македонија“ и ќе продолжи по улиците „Никола Вапцаров“, „Димитрија Чуповски“, „Даме Груев“, „Филип Втори Македонски“, покрај кејот на Вардар од МНР кон Археолошкиот музеј, плоштадот „Филип Втори“, Камениот мост и ќе заврши на целта – повторно на плоштадот „Македонија“.
Пред и по трката ќе има музичка програма и прогласување на најбрзите учесници за кои ќе следуваат награди.
Дедомразовската трка ја организира Град Скопје, преку Конгресниот центар „Александар Македонски“ и „Прв до врв“, а главен поддржувач е Кока-кола.