Актуелно
Денеска е Лазарева сабота
Лазарева Сабота или Лазарица се празнува во спомен на Лазаревото воскресение.
Именден празнуваат: Лазар, Лазарка, Лазо, Цветан Цвета и сите имиња што произлегуваат од билки: Лилјана, Калина…
Саботата пред Цветници се вика Лазарева сабота или Лазарица. Според преданието во саботата умрел Лазар од Витанија, а во неделата Исус го воскреснал. Поради тоа во народот неделата се смета за поголем празник од саботата.
Според тогашните закони учител можело да биде само лице што наполнило триесет години. Исус веќе четврта година го проповедал своето учење, а бидејќи за Пасха мноштво народ доаѓал во Ерусалим за да го прослави празникот и Исус по четврти пат доаѓал како учител. Но тогаш разбрал дека неговиот пријател Лазар од Витанија е тешко болен. Исус веднаш се упатил таму, но стигнал четири дена по неговата смрт и по погребот. Сестрите на Лазар Марта и Марија го прекориле Исуса велејќи му дека ако дојдел навреме немало Лазар да умре. Марта му рекла: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде“.
Легендата вели дека Бог сакал Лазар да умре за врз него да се манифестира силата Божја. Кога дошол до гробот Исус го повикал Лазара: „Лазаре, излези надвор“. И Лазар веднаш излегол завиткан со платно на рацете и нозете и со крпа околу лицето. Сите што го виделе тоа се почудиле и поверувале дека Исус е синот Божји. Со овој чин Исус уште повеќе се здобил со слава. И пак се упатил кон Ерусалим.
Кога стигнал во подножјето на Маслиновата гора Исус пратил двајца свои ученици во Витфагија да му донесат осле (магаре) и ослица. Им рекол: „Одете во селоно, што е наспроти вас и веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа; одврзете ги и доведете ми ги. А ако ви рече некој нешто, ќе му кажете дека му се потребни на Господа и веднаш ќе ги прати“. Учениците ги донесле, а потоа ги ставиле на ослето своите облеки врз кои седнал Исус и така влегол во Ерусалим поздравен од мноштво народ.
Ваквиот пречек на Исус во Ерусалим бил последица од неговата голема популарност меѓу народот уште повеќе зголемена по воскреснувањето на Лазара. Се поставува прашањето, зошто Исус во Ерусалим влегол качен на магаре? Толкувачите на Светото писмо истакнуваат дека кај источните народи магарето било симбол на мирот наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служело на човекот како што и Исус му служел на народот. Пречекувајќи го Исуса воодушевениот народ со цвеќе, врбови гранки, но и со својата облека го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на вистините“.
Воскреснувањето на Лазар претставува предвесник на Христовото воскресенување, но и праобраз на општото воскресение на сите луѓе при Второто Христово пришествие. Затоа, впрочем и има големо значаење. Со своето воскресение Исус потврдил дека претстои воскресение за сите луѓе. „Значи нема да воскреснат само праведниците, а грешниците да исчезнат, туку сите ќе воскреснат и ќе се претстават пред Страшниот Христов Суд.“
Со Лазарева сабота се поврзани повеќе обичаи и песни познати како лазарски. Ги изведуваат девојки во групи одејќи по куќите и низ населените места и пресретнувајќи ги луѓето. Лазарките му пеат посебна песна на секој човек зависно од неговата возраст и општествената положба и за тоа добиваат дарови, најчесто пари. Во овие песни се велича личноста, се посакуваат напредок на семејството, здравје и среќен живот на поединецот. Особено со многу лирски чувства се исполнети песните за малите деца како што е и оваа песна од зборникот на браќата Миладиновци:
Малечкоо убоо, о Лазаре!
На диван ми седеше, со јаболко играше;
мајка ле му викаше:-Малечкоо убоо!
Доста седе на диван, доста играш с јаболко,
дан’ те царот догледат, дан’ ти царство поклонит !
Уште речта не рече, ми го царот догледа
и му царство поклони.
Во зборникот на браќата Миладиновци покрај повеќето лазарски песни среќаваме податок и за изведувањето на овој обичај во Струга, во половината на минатиот век. „Рано децата ходат по куќи со шарени стапчиња. Тој ден, а повике в недељата, в Цветници се собираат девојките по махали и направјет една од них невеста. Кого ке сретат на п’т обколисват и пејет секому по возраста му т.е. ако је неженет друга песна, ако је женат друга; ако је жена или девојка друга. Тој дават пари на невестата која му целива р’ка. Со тие пари накупвет нужните јела и се гоштевает и попраштает Лазара со ора и песни“.
Кузман Шапкарев, пак, запишал дека на овој ден „младите моми на возраст од 12-13 години, се собираат во дружина од по 5-6 девојчиња и по едно момче, одат од куќа во куќа и заедно пеат лазарски песни соодветни со состојбите и условите во секоја куќа. Штотуку влезат во собата лазарките се наредуваат исправени во полукруг или на отворен лак, обрнати со лицето кон огништето или кон домаќините и под раководство и иницијатива на танчерката испеваат една или две песни соодветни на условите во куќата. Кога ги пеат се полулуваат напред и назад со телата. По испевањето бакнуваат рака на домаќините и домаќинките кои ги даруваат со по неколку пари или јајца. Парите ги собира танчарката, а јајцата раководителот на лазарките т.е. момчето со кошничката, кое нарочно го носи со себе. Ова последново и не пее“.
Во Гевгелиско лазарките пееле во групи по четири девојки, тие што на Тодорица во црквата се заколнале дека заедно ќе учат лазарски песни и „ќе пеат Лазар“. Се собирале во една куќа и на тргнување ја запевале песната:
Еј Лазаре, Лазаре, море младо војниче!
Чиј са вија дворуве, с бел босиљук митени,
с црвен стратор ринани?
Низ цела Македонија одејќи по куќите лазарките пееле песни за сите членови од семејството започнувајќи од најстариот. Нему му се пеело за синовите, снаите, внуците, за богатство и убави абери. На машките деца им се пеело за учење во манастир: „он го пратил за три години/ од се научил за три месеци“, на девојчињата им се пеело да се омажат за царевиот син, на ергените за грабење девојка, за женидба и убав живот. На девојка за мажење и се нагласувала нејзината работливост, се пеело за нејзините дарови, за свекорот и свекрвата, за деверите, золвите и јатрвите. Особено топли чувства се испеани во песните за невестите без деца.
Лазарките секаде биле пречекувани со задоволство. Не пееле само во куќите во коишто имало скоро умрен. Во таа смисла Миленко С. Филиповиќ забележал дека во Скопско „не се дозволува да играт лазарки, ни мајмун, ни мечка пред куќата во која некој умрел.“
Евтим Спространов забележал дека во Охрид Лазара се празнувало Цветници, а во Струга во саботата. На Цветници пак, како и на Благовец раздавале цвеќиња, особено зеленика и дафино, кои се чувале пред иконата како свети нешата.
Во Струга Лазара се славело три дена и тоа: петокот, кога се навестувал празникот, саботата – „Дај ми пара Лазаре“ и неделата – Цветници или „Вијур, вијур Гајдано.“ Празникот се најавувал на тој начин што во петокот малите деца до седум-осум години, носејќи шарени стапчиња (со три бои) оделе кај роднините. Во саботата на Лазарева сабота, девојките во групи од три до пет во групата, облечени во народна носија како невести и со венчиња на главата излегувале на улица на минувачите им го попречувале патот и им пееле соодветни песни. Неделата пред Велигден освен Цветници се вика и „Вијур, вијур Гајдано“. Тогаш машки деца на возраст од околу десетина години облечени во стара облека, маскирани, со кожи префрлени преку нив, со ѕвонци и други реквизити одат во посета на куќите. Притоа групата поред секоја куќа пеела:
Вијур, вијур Гајтано, кој те тебе развива,
на вечерина на вода. Гајтанот ти ѕунеше,
како на маска опашка. Леле леле Лазаре,
кога дојде помина, со устата пеевме,
со чевлите тропавме, со раце се држевме,
Да е жив стопанот, да е жива стопанката.
Потоа се благословувало со овие благослови: За (име на машко) една невеста. За (име на девојка) еден зет. Амин. За многу години, здрави и живи, порадосни и повесели. Момчињата од групата носеле, торби, дисаѓи или кошници во кои ги собирале даровите. Потоа си ги делеле. Ова се сметало за специфичен струшки маскенбал.
Интересен обичај што се изведувал на овој ден е обичајот Кошкање на децата. Во минатото на овој обичај му се посветувало големо внимание. Ги кошкале сите деца што биле родени меѓу двете Лазареви саботи, што значи деца до една година. Ги кошкале дури и децата што имале по неколку дена. За овој обичај секоја мајка месела погача наутлија. Откако ќе ги испееле сите лазарски песни лазаркките застанувале во збиен круг, мајката им го давала бебето, тие го прифаќале и со кревање горе-долу неколку пати си го подавале една на друга, го кошкале така до три пати и за тоа време пееле:
Имаш мајка, имаш татко, гајтане мој, гајтане мој,
од капата една пара, гајтане мој, гајтане мој.
Ем с’с мајка, ем с’с татко гајтане мој, гајтане мој.
Откако ќе ја испееле песната три пати, едно од девојчињата „со мајка и со татко“ (што значи да не е сираче) застанувало насреде во кругот, а една постара жена обично свекрвата ја земала погачата, ја раскршувала над главата на детето и едната половина им ја давала на лазарките, а другата половина ја земала мајката и ја раздавала на роднини и пријатели за здравје на детето.
Колку и да се врзани со настаните со Христово влегување во Ерусалим обичаите и песните поврзани со празниците Лазарева сабота и Цветници се поврзани и со пролетта, со појавата на цвеќето, а посебно лазарските песни содржат пред сè семејни мотиви желби за напредок на поединецот и семејството.
Тропар
Лазарева Сабота
(Свети Лазар)
Христе Боже, за да не увериш во општото воскресение, пред Твоите страдања, го воскресна Лазара од мртвите. Затоа и ние, носејќи како децата знаци на победата Ти викаме Тебе, Победителу на смртта: Осана во висините! Благословен е Оној што иде во името Господово!
Шијат, шијат терзии, е Лазаре, на високи дивани, е Лазаре,
игли им се кршеа, е Лазаре, во море и фрлаа, е Лазаре,
мостои се праеја, е Лазаре, да минат лазарките, е Лазаре,
шчо сет морни, уморни, е Лазаре, везден дена шетале, е Лазаре,
везден оро играле, е Лазаре, играло се Лазаре, пејало се,
дур до века Лазаре до амина.
Адети на Лазарица
Лазарица ја наречуваме соботата шчо је пред Цветници (Лазарева Собота). Има особено оделе девојките и децата особно. Напред оделе „по Лазарица“ и девојки „лазарки“ и деца „лазаричари“, а сега не одит, саде деца.
Ако је веќе расипан тој адет, да не одит лазарки, ама ја го опишува да се зноет каков бил тој адет, т.е. како оделе Лазарки по Лазарица и го опишува таке, како шчо ми кажувале стари жени, шчо се и сега живи, и шчо оделе лазарки, кога биле девојки.
На лазаречки петок девојките се брале (на многу места) во некоја куќа. Теја нифно берење се наречувало брање (другарување). Тамо се брале на повеќе места. Секоја девојка носила по малу во еден каленик граф и пченица (неварена), леб, дрва и си готвиле вечера. Дур се варил граот и пченицата девојките пејеле лазарски песни (т.е. преговарале песните да и зноет чисто и се училе, коде каква песна треба да пејет).
Таја вечер спроти Лазарица девојките тује си спале и по вечера преговарале песните лазарски.
Утрината на Лазарица, по пушчање цркоф после лазарките одиле „во лазарица“ т.е по куќи да пејет лазарски песни. Редот на одење бил оваков: ора не играле туку саде оделе суредени (на два реда) две и две рамо на рамо, најнапред одиле тије девојки шчо могле да пејат поубаво, а најназад одиле тије девојки шчо не пејале и тије шчо носиле кошницата (за берење јајца). Кога дојдувале во некоја куќа и откако им испевале приличните песни на куќните, домаќинката им клавала во кошницата по едно јајце. А во која куќа имало свршеник или свршеница (женик или невеста) или малечко (дете или момиче), таја година родено во таја куќа куќните им давале на лазарките по една „Старка“ (пара). Откако свршувале одењето, лазарките пак си се враќале во куќата каде шчо се брале, и тује си го дељувале теја шчо набрале, т.е. јајцата и парите и после си ручале со дружинска гозба. А по ручек си оделе секоја дома.
Како одит деца по Лазарица
На лазаречки петок по децета се берит и со другарите на многу места по куќи и тамо варит пченца, како и пред Бодник.
Утрината на Лазарица, по пушчање црков после, децата наречени лазаричари одит по Лазарица (т.е. по јајца). Секое дете си носит в левица кошница за берење јајца, а в десница стапче. Кога дојдувајет в некоја куќа, друго не велит отколи: „Добро утро“. Домаќинката им дават на секоје дете по едно јајце (или костење, ореви, јаболко, ако немат јајца). Коде шчо имат свршеник или свршеница или малечко, тије им давајет по една пара старска (стребрена). Откако свршувајет одењето, децата си одет за ручек секоје дома. По ручек после неколку деца поголеми, заједно со попот, одит да берет гороцвеќе, ако имат распулено, или подлеска (т.е. бело цвеќе шчо растет покрај млади и из лески) или чамови ветчиња (борови) дека се зимно зелени. Нат теја цвеќе утрината (на Цветници) в цркоф попот испеват молитва и на миросувањето )помажување со масло од кандилото от празнична икона) го раздават на љуѓето.
Од записите на Панајот Ѓиноски, од Галичник.
Подготви Марко Китевски