Актуелно
Денеска е Водокрст (Водпост) – ден на осветување на водата
Овој ден меѓу народот е познат како Водокрштение или Водпоост. Водокрштение се вика поради тоа што на тој ден се крштева (се осветува) водата, а Водпост веројатно се добило од Водици и постење, бидејќи Водпост е посен ден.
Овој ден не е празник како што се следните два дена. На овој ден освен што се крштева вода, се пее и крстот и се прават последните подготовки за празникот.
Во селото Слатино Охридско рано на утро, кон два-три часот на знакот на камбаната попот и кумовите одат во црквата „Богородица“ или Горна Црква, како што ја викаат, затоа што се наоѓа над селото. Секој кум носи по едно бакарно котле полно со вода во кое стои крстот на компанијата што тој ја претставува.
На средината на црквата има ставено маса врз која стои еден голем котел полн со вода и едно мало котле, исто така, со вода во кое стои црковниот крст. На масата исто така стојат и книгите од кои попот чита молитви. Околу масата кумовите ги стават своите котлиња и тие полни со вода. Додека доаѓаат кумовите и потоа додека се собира народот во црквата попот изведува служба, а со тоа ги пее и водата и крстовите. Од пеаната вода што се наоѓа во котелот подоцна луѓето земаат во шишиња и ја чуваат за лекување на разни болести. Откако ќе се соберат сите кумови и ќе ги наредат котлињата со крстовите околу масата попот заедно ги пее сите крстови и водата. Потоа ги преврзува крстовите, поточно ги преврзува само оние крстови што не се правилно врзани. Оние крстови пак, што се добро врзани попот само ги зема во раката, ги поткрева и пак ги остава. Но задолжително секој крст треба да го зема да го поткрене и дури потоа да го остави. Крстот правилно се врзува на тој начин што најпрвин посебно се врзува босилекот со црвен конец, а потоа се прицврстува на крстот при што не се мота туку само се прекрстува колку да држи и тоа задолжително од задната страна, за лицето на крстот да е чисто.
Откако ќе заврши церемонијата со пеењето на крстовите и на водата сите присутни се растураат и си одат дома. Кумовите од другите села одат на ручек кај попот. Кумовите од селото, пак, одат дома само за да земат по една погача и по едно шише ракија и и тие одат на ручек кај кумот. Попот секогаш за ручек дава посен грав, зашто овој ден е строг пост. Во оваа пригода кумовите му плаќаат на попот за пеењето на крстовите и на водата. Бидејќи се плаќа по куќа (по семејство) повеќе плаќа оној кум чија компанија е поголема. Подоцна следниот ден, вечерта компанијата решава дали тие пари ќе останат трошок на кумот или пак секое семејство ќе си го плати својот дел. Најчесто кумот ја плаќа целата сума.
Околу пладне секое семејство носи по еден товар дрва кај кумот. Тоа е еден вид помош за кумот, а му помагаат и за цепење на дрвата како и за други работи со цел подобро да се подготви за празникот. Кон зајдисонце кумот оди на канење во сите куќи од својата компанија. Во селото Слатино на канење одат заедно стариот и новиот кум, што значи тој што го имал кумството во текот на изминатата година и тој што на празникот треба да го земе крстот, а со тоа да го наследи и кумството за наредната година. Во некои други села на Дебарца, на пр. во Арбиново кумот на канење оди со кои било двајца мажи од компанијата. Кога ќе влезе во куќата откако ќе поздрави со „Добровечер“ веднаш со крстот и со босилекот почнува да прска од водата во котлето. Притоа ги прска луѓето, сите простории во куќата, потоа просториите каде што се чува житото и другиот бериќет, а потоа тоа го прави во шталата каде што живее добитокот. Таму прскајќи благословува: „Да се множи стоката, од едно илјада“, итн. Потоа пак се враќа во куќата каде што му дават да вечера. Кога кумот ќе влезе во куќата домаќинот залепува една свеќа на котлето која откако малку ќе погори ја зема ја гасне и ја чува за здравје и среќа во текот на годината до следните Водици. Посветените свеќи според народното верување имаат посебна моќ. Тие ја чуваат куќата од разни несреќи, болести, пожари, громови и др. Порано кумот вечерал во секоја куќа и тоа само посна храна. Во секоја куќа за него има подготвено посебно место каде што ќе седи. Тоа е постела плетена од слама (рогузина) брз која иставено ржана (чукана) слама и ралникот од плугот. Сламата според верувањето има привлечна моќ за и за боговите и за душите на предците. Следниот ден кога крстот ќе го фрлаат во водата оваа слама се става во реката, а со неа и ралникот од плугот. По празникот со сламата се врзуваат овошките да не ги јадат штетници (да не ги гризат зајаци, гасеници и др.) и да дадат побогат род. Се верува дека сламата што била во допир со кумот, подоцна ќе ги чува дрвата од секакви негативни влијанија.
Кога кумот влегува во куќата сите присутни му бакнуваат рака и во котлето ставаат пари. На заминување тој го кани целото семејство следниот ден да му дојде на гости. Тогаш му земаат од пеаната вода од котлето и му дотураат од своите садови со вода. Тоа се прави за да не остане котлето празно зашто кумот остава вода во сите куќи од компанијата каде што кани. Во секоја куќа се повторуваат овие обичаи.
Кога кумот оди кај стоката и прска со вода тој благословува:
Како што помина чесен крст,
да е чесно бериќетно,
кај што капнало капка вода
сребро и злато да капит,
да се родит бериќетот.
Во шталата со крупниот добиток кумот благословувал:
Ајде за многу години,
кај што помина чесен крст
да е чесно бериќетно,
кај се крмит да се плодит,
кај се орат да се родит,
по полето вино жито,
по планина мед и млеко.
Господ да не чуват од лошо
да се ранат сиромаси,
сиромаси, сирачиња
и в година дивчекаме.
Како и да може да се види дека денот Водокрст, пред Богојавление (Водици) има важно место во животот на нашиот народ. Во очекување на големиот празник народот изведувал многу обичаи кои се поврзани со крстот и осветувањето на водата, но и со обезбедување плодородие во годината што следува. Може да се види дека многу од овие обичаи водат потекло од претхристијанскиот период, но во христијанството добиле нова смисла и значење.
(Подготви Марко Китевски)