Актуелно
Десетина ученици од средното „Арсени Јовков“ затруени со спреј од две непознати лица
Десетина ученици од средното економско училиште „Арсени Јовков“ синоќа беа примени во болница со симптоми на печење на очите, грлото, кашлање и главоболка, објави Канал 5.
По укажаната терапија, децата се во стабилна состојба, дел од нив ноќеска се пуштени дома, а три се задржани на понатамошно лекување и опсервација. Доцна попладнето учениците ги напуштиле училниците откако почувствувале силен мирис, по што била повикана итна помош, а на увид пристигнала и полицијата.
Од клиниката за токсикологија на ургентниот центар потврдија дека кај нив лекарска помош побарале десет ученици и еден професор. Учениците се пожалиле на печење на очите и на грлото како и на иритирачка кашлица при што биле констатирани последици од вдишување на непозната материја.
Во болницата „Осми септември“ пак биле донесени тројца ученици со истите симптоми.
По извршениот разговор со повредените, било констатирано дека две непознати лица употребиле спреј со непозната материја во училиштето и побегнале.
Се очекува полицијата да соопшти повеќе детали како дошло до труењето на учениците и кој и зошто го употребил спрејот. Лекарите од токсикологија во наредните неколку дена ќе ги имаат и токсиколошките анализи што ќе се прават на институтот за судска медицина.