Актуелно
ДИК: 10,64% излезност во Теарце, гласањето без проблеми
На избирачкото место број 2011 во Теарце до 10 часот на гласање излегле 76 од запишани 714 избирачи, или 10.64 отсто, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
– Досега гласањето се одвива без проблеми. Поради дефект на УВ ламбите Избирачкиот одбор петнаесетина минути го прекина гласањето додека не беа обезбедени нови УВ ламби. Оттогаш гласањето трае непречено, информираше за МИА, советникот за односи со јавност Љупка Гугучевска.
Следниот податок за излезеност на гласачите ДИК ќе го соопшти по 13 часот. Првичните резултати од гласањето Комисијата се очекува да ги соопшти на прес-конференција во 21:30 часот.
На ова избирачко место во Теарце, кое беше отворено во 7 часот, денеска се повторува гласањето за предвремените парламентарни избори 2016.
ДИК донесе одлука да се повтори гласањето на ова избирачко место врз основа на симулацијата со која се покажа дека прегласувањето може да влијае на бројот на освоени мандати, и врз основа на одлуката на Управниот суд да ја прифати тужбата на Коалицијата предводена од СДСМ и да донесе решение за поништување на гласањето на ова избирачко место.
На 11 декември на гласање излегле 404 од кои 91 гласале за ВМРО-ДПМНЕ, 87 за СДСМ, 65 за Беса, 64 за ДПА, 53 за ДУИ, 25 за Алијансата на Албанците и по еден за ВМРО за Македонија и за Коалицијата за промени и правда – Трет блок.
Во Изборната единица 6 според првичните резултати на ДИК, најмногу гласови 40.599 освои ДУИ, потоа следи ВМРО-ДПМНЕ со 26.135, СДСМ со 25.828, Беса со 25.054, Алијанса за Албанците 17.970, ДПА 16.225, ВМРО за Македонија 919 и Коалицијата за промени и правда – Трет блок 239.
Според добиените гласови, најмногу пратеници, односно 6 освои ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ 4, Беса 3, СДСМ 3, Алијанса за Албанците и ДПА 2.