Вести
ДИК ќе ја продолжи седницата за приговорите
Државната изборна комисија напладне треба да ја продолжи седницата за разгледување на приговорите поднесени од политичките партии за предвремените парламентарни избори. ДИК треба да се произнесе за преостанатите приговори поднесени од Коалицијата предводена од СДСМ.
Досега, ДИК одби три приговори поднесени од Коалицијата предводена од СДСМ и седум приговори од Движењето Беса. За еден приговор од движењето Беса кој се однесува на избирачко место во Гостивар ДИК побара графолошко вештачење на потписот на еден гласач за кој се утврдило дека има обид за гласање по вторпат.
Не беа прифатени приговорите на СДСМ за избирачките места 2010 и 2025 во општина Теарце, а по извршениот увид во избирачкиот материјал за избирачкото место 2024 беше утврдено дека бројот на гласови и на неважечки ливчиња соодветствува со бројките во записникот по што и овој приговор беше одбиен.
За приговорот за избирачкото место 2016 беше повикан член на избирачкиот одбор, но по барање на ДИК денеска на седница ќе треба да дојдат и останатите членови на избирачкиот одбор со цел да го потврдат избирачкиот записник.
Комисијата го разгледа и приговорот за изборното место 2011 каде се тврди дека недостигало едно избирачко ливче и оти е применет т.н. бугарски воз. Со цел да се утврдат фактите, беа сослушани членовите на избирачкиот одбор и на ОИК по што беше направен и увид во избирачкиот материјал каде се бараше записникот направен пред почетокот на гласањето.
Синоќа пред просториите на Државната изборна комисија додека траеше седница се собраа граѓани да изразат протест за како што посочија, да спречат да биде одземена волјата на мнозинството гласачи. Пред собраните се обратија претставници на ВМРО-ДПМНЕ. По завршувањето на седницата, се разотидоа.