Актуелно
ДИК: Гласањето се одвива во најдобар ред, не се пријавени нарушувања
Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои поднеле пријава за гласање во странство се запишани 20.573 гласачи. Своето избирачко право ќе може да го остварат во текот на денешниот ден на 46 избирачки места во странство. Сите гласачки места на територијата на Австралија, Азија и Европа се отворени и гласањето се одвива во најдобар ред.
Ова денеска на прес-конференција го истакна Љупка Гугучевска од Државната изборна комисија која рече дека ДИК е во постојана комуникација со избирачките одбори кои го спроведуваат гласањето и досега не се пријавени никакви проблеми. Посочи дека денеска гласаат и избирачите кои се на издржување казна затвор или се во притвор. На гласачките места во казнено-поправните установи, потенцира, своето избирачко право ќе можат да го остварат 2.015 гласачи.
– Сите гласачки места во казнено-поправните установи се отворени во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот. Во текот на денешниот ден ќе гласаат и лицата кои се наоѓаат во центрите за внатрешно раселени лица, а такви гласачи има вкупно 13. Во текот на денешниот ден избирачките одбори во Република Македонија ќе го спроведат гласањето на лица кои се болни или немоќни или се во куќен притвор, а до општинските изборни комисии доставиле известување со соодветната документација. Во своите домови избирачкото право ќе го остварат вкупно 5.746 гласачи, рече Гугучевска.
Гласачите, нагласи, своите гласачки ливчиња треба да го обележуваат исклучиво со заокружување на редниот број пред подносителот на листата, заокружување на симболот на подносителот на листата или на целиот назив на подносителот на листата со хемиско пенкало во сина боја. Таа рече дека ливчињата обележани на поинаков начин ќе се сметаат за неважечки.
– Интересот за набљудување на овие избори од страна на домашни и странски организации и медиуми е голем. ДИК издаде акредитација за набљудување на 7.585 домашни, 667 странски набљудувачи, 354 преведувачи и 75 странски новинари, рече Гугучевска и додаде дека ги потсетуваат сите акредитирани набљудувачи дека ДИК има донесено кодекс за набљудување на изборите и ги повикуваме сите доследно да се придржуваат до него.
Во однос на изборниот материјал, нагласи дека во текот на вчерашниот ден ДИК завршила со доставувањето на материјалот до општинските изборни комисии, веќе изутрината тие го доставиле до избирачките одбори и тие кои имаат спроведување на гласање на болни, немоќни лица или лица во куќен притвор, веќе го спроведуваат гласањето.
– Го прегледавме целиот изборен материјал, немаше никави недостатоци. Се е тука. Сите се подготвени со изборниот материјал за спроведување на гласањето, додаде Гугучевска.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што ќе се преземе во врска со тоа што имало објавени резултати од гласањето во дијаспората на фејсбук, што е казниво дело, таа рече дека официјални се само оние резултати за изборите во Република Македонија, вклучително и за гласањето во дипломатско конзуларните претставништва, кои ќе ги објави ДИК.
– Останатото се шпекулации. Ако има евентуални злоупотреби кои дополнително треба да се утврдат, тогаш ДИК ќе преземе соодветни мерки. Инструкциите кои од наша страна се дадени до избирачките одбори кои го спроведуваат гласањето во странство се тие разултати, односно записниците со сумираните резултати да ги достават до ДИК и потоа тие ќе почнат да се објавуваат од тука утре по 19 часот. Пред утрешниот ден во 19 часот нема да објавиме никакви официјални резултати, истакна Гугучевска.
Таа одговарајќи на новинарско прашање рече дека се уште немаат официјални податоци за одѕивот денеска на болните, затворениците и внатрешно раселените лица, и во текот на денот откако ќе ги добијат ќе ги испратат.