Вести
Досега најмалку седум жртви на ураганот „Ирма“
Најмалку седум лица загинаа откако ураганот Ирма ги погоди Карибите, оставајќи зад себе пустош и причини голема материјална штета.
– Ураганот Ирма го уништи карипскиот остров Барбуда и предизвика штета, која засега се проценува на околу 150 милиони долари или 10 проценти од бруто-домашниот производ во земјата. изјави премиерот на Антигва и Барбуда, Гастон Браун.
Во налетот на ураганот, на Барбуда загина најмалку едно лице.
– Од моите лични набљудувања, направени за време на лет во текот на катастрофата, можам да ве уверам дека 90 проценти од зградите и имотите на островот се оштетени во некоја форма, некои се целосно уништени, а островот е практично несоодветен за живот. За негова обнова ќе бидат потребни неколку години, изјави Браун.
На островот има само околу 1.500 лица, но тој е „туристичка порта“ до најживописните и чисти одморалишта и плажи на Карибите.
Властите информираат дека островот Сент Мартин е речиси целосно уништен, каде загинаа најмалку шест лица. На овој остров во прекин е снабдувањето со електрична енергија, додека на францускиот остров Сент Бартис, комуникациските системи се во дефект. Во францускиот дел на Сент Мартин живеат околу 40.000 лица, речиси ист број колку и на холандската страна на островот.
Холандскиот министер за внатрешни работи Роналд Пластерк изјави дека штетата предизвикана од ураганот на тој остров е „огромна“, но не е познато во колкав обем поради прекинот на комуникациите.
„Ирма“, која достигна петта категорија, мина северно од американската територија Порторико, каде над половина од тримилионската популација е без струја. Ураганот донесе обилни дождови, проследени со силен ветер. Властите најавија дека нема да има струја неколку дена.
Американскиот претседател Доналд Трамп прогласи вонредна состојба на Флорида, Порторико и Девствените Острови, каде се очекува на мине разурнувачкиот ураган.
Националниот центар за урагани соопшти дека се зголемени шансите Флорида директно да биде погодена од „Ирма“ во текот на викендот.