Актуелно
Двете починати бебиња воопшто не примиле вакцина Дитепер
Двете новороденчиња за кои во медиумите беше објавено дека постои можност да починале по прием на вакцина Дитепер воопшто не биле вакцинирани со неа, соопшти денеска Јованка Костовска, претседател на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.
Таа информира дека е формирана комисија која ќе изврши контрола кај матичниот лекар, кај службите за вакцинација и секаде каде што биле лекувани овие деца или биле примени пред да им биде констатирана смрт. Комисијата треба утврди каква била нивната здравствена состојба, дали воопшто имале примено некоја друга вакцина. Се чекаат и резултатите од обдукцијата кои треба да покажат од што настапила смртта.
Ова, појасни таа, е стандардна процедура при настапување на ненадејна брза смрт кај децата.
– Бидејќи беа споменати вакцини како можна причина, мора да провериме дали, со што се вакцинирани, со каков тип на вакцини и се што може да се провери, рече Костовска.
Министерот за здравство Никола Тодоров, смета дека пуштањето на информацијата има цел да предизвика паника.
– Оној кој ја пуштил оваа информација имал идеја да предизвика и сериозно да влијае на процентот на вакцинација и со едни антивакцинални изјави да делува на системот на вакцинирање што го имаме во Македонија, рече Тодоров, одговорајќи на новинарско прашање во Центарот за семјсна медицина.
Апелираше на внимателност во приемот и пренесувањето на ваквите информации, затоа што, како што рече, оние кои ги пренесуваат треба да помислат дека зад нив има некоја друга идеја.
Дециден е дека сите вакцини во Македонија се безбедни, дека се контролираат, и оти се од најдобрите светски производители кои се препорачани од СЗО.
Претседателката на Комисијата за заразни болести Костовка појасни дека и вакцината Дитепер е безбедна, испитана и проверена во Македонија и освен оние очекувани несакани реакции како повисока температура и реакција на местото на апликација немало пријавени потешки реакции.
Едното од починатите бебињата било на двемесечна возраст, а другото имало еден месец. Едното е од Студеничани, а другото од Шутка.
Дитепер вакцина се дава, според календарот за имунизација се дава откако бебињата ќе наполнат три месеци.
Дел од медиумите претходно објавија дека едното од новороденчињата починало на 1, а другото на 3 март, отако примиле вакцина Дитепер.