Актуелно
Една затворска и осум условни казни за демонстрантите на протестите пред Владата
Насловна фотографија: Христијан Петров / Популарно.мк
Една затворска казна од 10 месеци и осум условни казни им изрече денеска Основен суд Скопје 1 на деветтемина демонстранти, обвинети за „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие“, на протестите пред Владата на 5 мај.
Осумте условни казни се изречени за период од една година, време во кое сторителите не смеат да го повторат делото. Во спротивно ќе добијат по тримесечна затворска казна.
Затворската казна од 10 месеци Судот му ја изрече на вујкото на Мартин Нешкоски, момчето убиено за време на изборната прслава во 2011 година. Отежнителна околност за него е што обвинетиот го сторил кривичното дело додека бил на условна казна за исто дело.
Претходно, деветмината демонстранти пред Судот ја признаа вината. Сите деветмина се изјаснија дека се виновни и дека вината ја признаваат без никаков притисок.
Протестите на 5 мај беа организирани откако опозицијата објави аудио снимки во кои што високи функицонери од власта наводно се обиделе да го скријат убиството на Нешкоски, кое се случи ноќта меѓу 5 и 6 јуни 2011 година, додека власта ја славеше изборната победа.