Актуелно
Експлозија на плинска боца во зграда во Прилеп, седуммина повредени
Седум лица се повредени, од кои еден пожарникар, синоќа по експлозија на плинска боца во зграда на улицата „Бидимаж“ во Прилеп. Во пожарот што настанал по експлозијата на боцата се опожарени шест станови.
Според сведочењето на еден од станарите Никола Чеврески, се почнало во неговиот стан кога плинската греалка се запалила.
– Плинската греалка се запали. Ме фати паника и не можев никако да се снајдам, да ја изгаснам. Боцата ја изнесов во ходникот на зградата. Потоа само бувна пламен и експлодираше и не знам ништо. Жена ми е повредена и сега е во болница, вели Чеврески, сопственикот на станот каде започнал пожарот.
Огнот ги зафатил и околните станови.
На лице местo веднаш излегоа екипите на противпожарната служба и итната медицинска помош, кои еден по еден ги извлекуваа станарите од зградата и ги носеа до градската болница „Борка Талески“ во Прилеп. Според командирот на противпожарната единица Станко Колески, пристигнале веднаш по експлозијата на боцата.
– Кога пристигнавме имаше експлозија на плинска боца. Пожарот се рашири на околните станови. Немаше некоја голема материјална штета, но беа опожарени шест станови, вели Колески.
Двајца потешко повредени се примени на хируршкото оддление, а другите станари од зградата кои вдишале чад, се хоспитализирани на интерното одделение.
– Кај нас во хируршкото одделение беа донесени двајца луѓе, едниот пожарникар, кој имаше изгореници на рацете, а другата е жена во постари години со полесни изгореници. Другите пациенти кои вдишале чад се пратени на интерното одделение, рече д-р Гордана Јошиќ од хируршко одделение при градската болница во Прилеп.
Повредените граѓани веднаш ги посети и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.
Истрагата треба да покаже како точно настанал пожарот.