Вести
Фокс: Велика Британија ќе излезе од ЕУ на 1 јануари 2019 година
Датумот за излез на Велика Британија од ЕУ може да биде 1 јануари 2019 година, соопшти денеска весникот „Сандеј телеграф“, повикувајќи се на став на кандидатот за лидер на Конзервативната партија и за нов премиер на земјата, поранешниот министер за одбрана, Лиам Фокс, пренесе ТАСС.
„Фокс соопшти дека од претходно го определил 1 јануари 2019 година како датумот на кој Велика Британија ќе ја постигне својата независност, како ден кога земјата конечно ќе се ослободи од господарството на Брисел“, се посочува во статијата на весникот.
Според „Сандеј телеграф“, Фокс стравува дека доколку тоа се случи подоцна, Велика Британија ќе биде принудена да прави уште поразорни уплати во буџетот на ЕУ.
Фокс е еден од петмината кандидати за лидерската функција на Конзервативната партија.
Откако конзервативците се на власт, успехот на внатрешнопартиските избори на победникот му ја носи и функцијата премиер на земјата.
Во случај на победа, Фокс, кој од 2010 до 2011 година го предводеше Министерството за одбрана, планира да ги зголеми расходите за одбрана.
„Ние треба да трошиме пари за нашата национална безбедност, затоа е неопходно да си купиме осигурување во овој опасен свет“, посочува тој во интервјуто за „Сандеј телеграф“.