Актуелно
ФОТО: Трето средношколско „НЕ“ за лошите реформи – учениците ќе кампуваат пред МОН
Насловната фотографија е преземена од социјалната мрежа Фејсбук
Со марш низ Скопје средношколците денеска протестираа против реформите во образованието.
Барањата на средношколците се да полагаат државна матура според стариот концепт и Законот за екстерно тестирање да биде ставен во мирување шест месеци.
Маршот, во организација на Средношколскиот пленум, почна кај фонтаната на Градскиот парк, од каде се продолжи кон Владата и Министерството за образование и наука. Побараа оставка од министерот за образование и наука и преку транспаренти порачаа дека не ги прифаќаат новините во полагањето матура кои ги сметаат за лоша реформа и експеримент.
За маршот Средношколскиот пленум доби поддршката од Студентскиот пленум, поради, како што велат, игнорантскиот однос на Министерството за образование и наука кон барањата на средношколците.
Откако и денеска не беа примени на средба во Министерството за образование тие најавија дека ќе кампуваат во паркот пред МОН и таму ќе останат таму се додека не бидат слушнати нивните барања.
„Преку матурава“, „Стоп за лошите реформи“, „Експерименти се прават во лабораторија, а не врз ученици“, се дел од транспарентите со кои средношколците ги пренесуваат пораките до надлежните.
Средношколците очекуваат министерот Адеми да ги повика на ветената средба и потоа да ги повлече воведените реформи кои според нив се нефункционални.
-Ние тука ќе бидеме присутни 24 часа во текот на денот и со ова сакаме да покажеме дека сме спремни во секој момент да дојдеме на средба, бидејќи ние пред се се бориме за подобро образование, а не за бојкот и неодење на настава, порачаа средношколците.
Денешниот е трет протестен марш на средношколците против реформите во образованието.