Вести
ФУДБАЛСКИ СПЕКТАКЛ: Скопје домаќин на суперкуп натпреварот Реал Мадрид – Манчестер Јунајтед
Скопје денеска ќе биде во фокусот на вниманието не само на европската, туку и на целокупната светска фудбалска јавност. Главниот град на Република Македонија ја има привилегијата да угости два од трите најславни и најбогати светски фудбалски клубови, Реал Мадри и Манчестер Јунајтед, кои ќе се борат за трофејот на УЕФА Супер купот 2017.
Двете екипи пристигнаа вчера на аеродромот „Александар Велики“ од каде, под строги безбедносни мерки, беа превезени до хотелите во кои престојуваат, Реал Мадрид во „Александар Палас“, а Манчестер Јунајтед во „ТЦЦ Гранд плаза“. Македонските фанови ги пречекаа со овации и извици.
И покрај најавите од шпанските медуми дека во Скопје нема да допатува Кристијано Роналдо, тој е дел од „кралскиот тим“. Роналдо почна со тренинзи пред три дена, но не сакаше да го пропушти вечерашниот натпревар против својата поранешна екипа. Дека е подготвен потврди и тренерот на Реал, Зинедин Зидан кој сепак, до почетокот на мечот ќе размисли дали Португалецот ќе игра од самиот старт.
Двете екипи вчера имаа можност да се запознаат со теренот на арената „Филип Втори“ каде одржаа и тренинг, а претходно и средба со новинарите на кои тренерите Жозе Мурињо и Зинедин Зидан не криеа дека во Скопје се дојдени да го освојат трофејот на Супер купот.
Градот Скопје подготвен ги пречека фудбалските клубови, нивните фанови и навивачи од целиот свет. Поставена е т.н. неутрална фан зона на плоштадот „Македонија“ која е отворена од вчера и очекува илјадници обожувачи на фудбалот. За нивно анимирање ќе се погрижат големиот број волонтери кои ќе бидат одговорни за беспрекорна реализација на сите активности.
Во „неутралната фан зона“ која е отворена во периодот од 11 до 19 часот, љубителите на фудбалот ќе може да се забавуваат со бројни содржини, а предвидена е и богата музичка програма на познати македонски ди-џеи и музичари.
Најголемо внимание се очекува да привлечат трите трофеи на УЕФА, (Лигата на шампионите, Лига Европа и Супер купот), односно можноста посетителите да се сликаат крај нив.
Градот Скопје ги подготви и двете точки на среќавање на навивачите на двата клуба. Оние кои се симпатизери на шпанскиот тим ќе се соберат на плоштадот „Филип Втори“, додека „фанoвите“ на англиската екипа пред платото на спомен куќата на „Мајка Тереза“ од каде, по строго одредени патокази поставени од страна на Град Скопје, ќе тргнат кон националната арена „Филип Втори“.
Воведен е и посебен сообраќаен и пешачки режим за сообраќајниците во непосредна близина на стадионот. До завршувањето на натпреварот, на потегот од крстосниците на улиците „Аминта Трети“ (поранешна „Ленинова“) и „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ќе се пропуштаат исклучиво лица и возила кои имаат соодветна акредитација од организаторот на мечот – УЕФА. Зависно од интензитетот на сообраќајот, не е исклучена можноста од затворање на булеварот „Илинден“, на потегот од објектот на Владата на РМ до крстосницата со улицата „Рузвелтова“.
На свеченото отворање, непосредно пред натпреварот, ќе настапи детскиот хор „Фалсето” од Скопје, под диригентство на Теа Богатинова. „Фалсето“ ќе ја испее познатата нумера „Скај фул оф старс“ на Колдплеј, заедно со тинејџерската ѕвезда Антониа Гиговска и децата од државното училиште за ученици со оштетен слух „Партенија Зографски”.
На стадионот се дозволени само знамиња на финалистите и на Шпанија и Англија. Знамињата не смеат да бидат поголеми од еден метар и 250 сантиметри во нивниот најширок или најдолг дел. Во спротивно ќе бидат одземени. Исто така, ќе бидат одземени знамиња кои пренесуваат порака со загрозувачка содржина за јавната безбедност, застапуваат нечиј став, или имаат навредливи и дискриминаторски пораки, како и знамиња кои го попречуваат видикот на гледачите и прегледот на телевизиските камери.
Во Скопје вчера, како промотори на Супер купот, пристигнаа и Емилио Бутрагењо, директорот на Реал Мадрид, како и Луис Саха, поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, кој сега е дел од клупските структури. Најавија дека Супер купот ќе биде вистински празник, а двата клуба посакуваат да го освојат трофејот.
Дуелот меѓу актуелните победници во Лигата на шампионите Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед како освојувач на Лига Европа, ќе почне од 20:45 часот, а од ФФМ апелираат сите кои ќе го следат мечот на Националната Арена „Филип Втори“, порано да бидат присутни пред стадионот за да се избегнат гужвите.
ФФМ апелира да се почитуваат сите препораки за претстојниот фудбалски спектакл кој се очекува да го следат над петстотини милиони луѓе.