Актуелно
Гневна фамилија на починат го демолирала Ургентниот центар во болницата „8 Септември“
Полицијата денеска треба да ги соопшти деталите за синоќешниот настан кога разгневена група го демолираше влезот во Ургентниот центар на ГОБ „8 Септември“ поради пациент кој во болницата бил донесен по претрпен инфаркт.
Пациентот на 46-годишна возраст чиј идентитет се очекува денеска да биде соопштен, откако во собата за реанимација не бил спасен од страна на интернистите и анестезиологот, и покрај 40 минутните напори да се врати во живот. Првично пациентот доживеал срцев удар додека со пријатели и роднини бил во кафеана од каде со возило на Итна помош е префрлен во Ургентниот центар.
Кога на роднините им е соопштена веста дека починал, тие насилно влегле и во собата за реанимација од каде го зеле телото на починатиот и експресно заминале во непознат правец со возило без таблички.
Доцна вечерта медицинскиот персонал од болницата контактирал со семејството на починатиот и се договориле тие да се вратат назад во болницата за да ги потпишат неопходните формулари дека не сакаат обдукција. При смрт во болницата вообичаено е да се направи обдукција за да се утврдат причините за смртта, освен ако семејството не сака да се спроведе и потпишат дека ќе го преземат телото.
Доцна синоќа директорот на ГОБ д-р Сашо Стојчев не можеше да соопшти колкава материјална штета е направена во болницата од страна на насилниците, но истакна дека освен вратите на влезот на Ургентниот кои се скршени, но не се распаднати зашто имаат специјална непробојна фолија, помала штета е направена и во собата за реанимација кога е земено телото на починатиот.
Проценките на штетите исто така ќе бидат соопштени денеска.
Единствено добро е што не бил нападнат никој од лекарите и медицинскиот персонал.