Актуелно
Годинава 28 инфицирани со ХИВ вирус во Македонија
Дваесет и осум нови случаи со ХИВ инфекција се регистрирани годинава во Република Македонија, а едно лице со напредната ХИВ инфекција е починато. Најголем број од новозаболените се лица од машки пол и се заразиле преку хомосексуален контакт.
Од 1987 година кога е регистриран првиот ХИВ позитивен случај во Македонија, досега, бројот на инфицирани изнесува 270. Од нив 161 живеат со ХИВ, од кои 124 се на антиретровирусна терапија. Се очекува до средината на идната година бројот на новорегистрирани со ХИВ инфекција да достигне 300.
Ова денеска на прес-конференција по повод 1 декември, Светски ден на борба против ХИВ/СИДА, го истакна директорот на Клиниката за инфективни болести, Звонко Миленковиќ, кој рече дека значајно е раното откривање на инфекцијата бидејќи ефикасноста во лекувањето со антиретровирусна терапија е поголема. Посочи дека Клиниката за инфективни болести располага со најсовремена дијагностичка опрема.
Државниот советник во Министерството за здравство Јованка Костовска рече дека со години функционира Национална програма за спречување на ХИВ/СИДА во рамки на која имаат многу активности.
– Во 2015 година, програмата беше 22 милиони денари од кои 18 милиони денари се за набавка на антиретровирусна терапија и тестови, а останатите средства беа наменети за промоција и едукација на населението за превенција од ХИВ/СИДА, што значи предавања во училиштата, печатење брошури и памфлети. Имаме и 10 семинари за здравствени работници за превенција од ХИВ при нивната работа, рече Костовска.
Нагласи дека во рамки на програмата, во 2014 година околу 1.600 лица се тестирани за ХИВ во советувалиштата за ХИВ, а годинава до јуни 770 лица кои доброволно се пријавиле, се тестирани.
– Следната година програмата е зголемена и ќе биде 45 милиони денари. Активностите на Глобалниот фонд за ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија завршуваат во декември 2016 година и неговите клучни активности треба да ги преземеме во програмата, додаде Костовска.
Во светски рамки се смета дека 137 милиони луѓе од кои најголем број се во Африка, живеат со ХИВ од кои 2 милиони луѓе во 2014 година се пријавени како новодијагностицирани. Во 2014 година 1,2 милиони луѓе починале од Сида. Во европскиот регион во 2014 година се пријавени нови 142.000 случаи со ХИВ инфекција. Хетеросексуалниот начин е примарен начин на пренос во источниот европски регион, а во Западна Европа примарен начин на пренос е хомосексуалниот контакт.