Вести
Град Скопје ќе објави јавен повик за субвенции за купување електрични тротинети
Град Скопје оваа година првпат ќе распише јавен повик за субвенции за граѓани за купување електрични тротинети. Градските власти од својот буџет за оваа намена издвоиле еден милион денари.
– Целта на оваа мерка е стимулирање на граѓаните за помасовно користење електрични тротинети како алтернативно превозно средство, соопшти Град Скопје.
Максималниот износ за поединечна субвенција за купување електричен тротинет по лице се утврдува во износ од 50 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 10.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
Условите за учество се исти како и кај јавниот повик за субвенции за велосипеди. Право на учество на јавниот повик имаат жителите на Град Скопје кои треба да достават барање за надомест, доказ за жителство во главниот град, копија на важечка лична карта на барателот, копија од трансакциска сметка на барателот. Потребно е да се достави и доказ дека е извршено купување на нов електричен тротинет и тоа со копија од фискална сметка или фактура и извод од деловна банка со датум од денот на објавување на повикот.
Средствата кои Градот ќе ги издвои за субвенционирање за купување електрични тротинети се средства кои беа неискористени од буџетот за субвенции за велосипеди, поточно субвенции за велосипеди за лица со посебни потреби.
Град Скопје во текот на 2018 година објави јавен повик за субвенциии за купување велосипеди и велосипеди за лица со посебни потреби.
– Во делот за субвенционирање на велосипеди Град Скопје прими 3.133 барања од кои 3.119 барања беа усвоени и доделени субвенции, додека во делот за велосипеди за лица со посебни потреби заинтересираноста беше послаба и дел од средствата предвидени за таа намена останаа неискористени. Планирано е на наредната Седница на Советот на Град Скопје средствата да се пренаменат за субвенционирање на електрични тротинети, изјавија од Секторот за сообраќај на Град Скопје.
Градските власти информираат дека во континуитет работат на подобрување на условите за користење на алтернативните превозни средства. Сите реконструкции на улици и булевари, како и изградба на нови сообраќајници во своите проекти предвидуваат и реконструкција или изградба на велосипедски и пешачки патеки. Град Скопје преку градското претпријатие „Улици и патишта“ интензивно работи и на зголемување на безбедноста на пешаците и велосипедистите преку поставување заштитни столпчиња на велосипедските патеки по улиците и булеварите во централното градско подрачје. Со ова се спречуваат несовесните возачи да ги паркираат нивните возила на велосипедските и пешачките патеки
Електричните тротинети стануваат се повеќе популарни во светот. Нивната предност е малата тежина. Тежат од 10 до 15 килограми, а имаат релативно високата моќност и носивост. Некои модели развиваат брзина и до 35 километри на час. Развојот на технологијата овозможи овие алтернативни превозни средства да можат да поминат и до 30 километри со само едно батериско полнење.
Едно од алтернативните превозни средства е електричниот тротинет, кој е најприфатлив за користење во градови со рамна површина како што е Скопје.