Актуелно
Градот Скопје набави електроскутери за вработените во градската администрација
Градот Скопје стана прва локална самоуправа во Република Македонија која што набави електроскутери за потребите на градската администрација. Новите 5 електроскутери денеска /27.08.2015 година/ ги промовираше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
– Градот Скопје со набавката на овие 5 електроскутери го направи првиот директен чекор кон електромобилност во Скопје со примена на нови технологии, движење со нула емисии на штетни издувни гасови, почиста и поздрава животна средина и намалување на трошоците за одржување. Скутерите ќе ги користат службите на Град Скопје – инспекторите, комуналните редари и други.
Набавените скутери ги имаат следните карактеристики: максимална брзина од 45 километри на час; време на полнење 4 до 5 часа; со едно полнење скутерот поминува 50 километри, а што е најважно, возењето 100 километри со ваков скутер ќе чини 10 денари, што претставува 70 до 80 проценти заштеда во споредба со потрошувачката на еден скутер што користи нафтени деривати. Скутерите може да се полнат на било кој извор на електрична енергија, како и во станицата за полнење електромобили во катната гаража „Македонска фаланга”, на улицата
Свети Кирил и Методиј. Во наредниот период Градот Скопје ќе набави и еден електроавтомобил и 5 електровелосипеди за потребите на градската администрација. Сакам да упатам апел до другите локални самоуправи, како и до државните институции да го следат примерот од Град Скопје, да набават електромобили и да ја поддржат електромобилноста –рече денеска градоначалникот Трајановски.
Набавените електроскутери се од марката EFUN, X-TREME тип: EFUN-C и се јасно означени со ознаки на Град Скопје и со ознака за електрично возило.
По спроведената јавна набавка, Градот Скопје новите електроскутери ги набави од фирмата „АВЦ-СМ“ ДОО експорт импорт Скопје. Вкупната цена на петте електроскутери изнесува 782.458 денари со ДДВ, а цената на еден електроскутер изнесува 156.491 денар со ДДВ. Со ставањето во употреба на новите електроскутери Градот Скопје ќе заштеди за гориво и за одржување, а што е најважно, директно ќе придонесе за квалитетот на амбиентниот воздух и почиста и поздрава животна средина.