Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Груевски: Кој ќе биде во Владата одлучуваат граѓаните, а не Заев

Вести

Груевски: Кој ќе биде во Владата одлучуваат граѓаните, а не Заев

Граѓаните одлучуваат кој ќе биде во Владата, а не претседателот на СДСМ Зоран Заев, порача денеска премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарски прашања за последните барања од опозицијата. 

Груевски посочи дека главното барање на Заев беше формирање т.н преодна влада и оставка на Владата, но, порача, дека за тоа одлучуваат граѓаните.

– Неговото главно барање беше формирање на т.н преодна  влада, нешто во форма на широка коалиција и давање оставка на Владата, на мене,  на министрите и.т.н. за тоа кој ќе биде во Владата, а кој нема да биде одлучуваат граѓаните на Република Македонија на избори, изјави Груевски, при посетата на Агенцијата за катастар на недвижности.

Граѓаните, потенцира премиерот, се тие кои ја дават оценката, гласот и довербата за политичка партија, кој ќе биде премиер итн, а не Зоран Заев.

Груевски: Заев сака да не убеди во нешто што не постои 

Заев сака да не убеди во нешто што не постои, но граѓаните знаат дека немало фалсификат, оцени денеска премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарски прашања по последните објавени материјали од страна на СДСМ.

Заев, според Груевски,  од прилика ги повторува истите работи кои ги зборувал и сака да ги убеди граѓаните дека не гласале по своја волја.

– Со други збори некако како да не тера сите нас како да сме во пустина, а тој не тера да замислиме дека пред нас има планина, а никој од нас таа планина не ја гледа. Преведено со други зборови, сите ние учествувавме на изборите, граѓаните учествуваа на изборите и добро знаат дали имаше или немаше притисоци и закани или што било друго. Одеднаш се појавува Заев со разни креирани материјали со коишто сите граѓани, не само нас, сака да ги убеди дека тие не гласале по сопствена волја, не гласале на начин како што гласале без какви било притисоци, закани или нешто слично што е незаконски, туку дека гласале со притисоци и закани, изјави Груевски.

Затоа, додаде, го дадов овој пример, сите  гледаат дека има пустина, но тој ни вели не, имате планина пред вас, но вие не ја гледате, јас ја гледам и еве неколку луѓе околу мене.

Груевски: Владата со поддршка од 2,2 милиони евра за иновациски развој на компаниите

Премиерот Никола Груевски апелира компаниите да ја искористат можноста да добијат грант за  реализирање на иновативна бизнис идеја преку преку Фондот за иновации и технолошки развој.

Конкурсот за доделување грантови преку Фондот за иновации е отворен до 18 следниот месец. На него може да аплицираат старт ап и спин оф компании со идеја за нов производ и за нешто ново со некоја иновација.

Иновацискиот развој на компаниите, посочува Груевски, Владата годинава го поддржува со 2,2 милиони евра.  Со тековниот конкурс компаниите ќе добијат до 30.000 евра за иновативен проект, односно вкупно 600 илјади евра.

– Ги повикувам сите компании и сите поединци коишто имаат идеја, коишто имаат иновација да не го пропуштат ова и да се обидат да го стават во форма во која се очекува преку бизнис план и тн. да го достават до Фондот за иновации каде што специјална комисија составена од меѓународен борд ќе одлучува кои од нив треба да се прифатат, а кои не. Ги повикувам сите да ја искроистат или да се обидат да ја искористат оваа шанса, затоа што првпат во Македонија државата доделува ваков вид грант, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Агенцијата за катастар на недвижности.

Иновациите, потенцира премиерот, се она што го движи светот и што ја движи економијата.

– Најголемите заработки во светот историски гледано во економијата се направени кај оние компании што имале иновација. Иновацијата е можност без посебни средства особено вака кога Владата односно Фондот за иновации дава грантови, луѓе кои немааат пари, а имаат добра идеја, да заработат, а некои од нив да станат и богати. Практично поголем  и позначаен дел од најбогатите луѓе во светот успеале преку некоја иновација што можеме да го вдиме или прочитаме насекаде, изјави Груевски.

Груевски: Владините мерки ја намалија невработеноста на најниско ниво досега

Невработеноста во Македонија континуирано се намалува, како резултат на политиките на Владата во креирање добра бизнис клима и понуда за компаниите да инвестираат и да отвораат нови работни места.

Тоа го оцени денеска премиерот Никола Груевски кометирајќи ги последните статистички податоци за квартално намалување на невработеноста во држава за 0,3 проценти, од 27,9 на 27,6 проценти.

– Намалувањето практично е континуитет веќе подолг период. Неколку години, секој квартал, секои три месеци, имаме одредено намалување на невработеноста и трендот е јасен дека невработеноста  не инцидентно, туку континуирано се намалува, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Катастарот.

Тоа, додаде, е резултат на сите политики што ги направивме досега, сите чекори како Влада и како држава, пред се во делот  на креирање добра бизнис клима за компаниите, односно и домашните и странските компании да сакаат да инвестираат.

Причина за намалување на невработеноста, наброја, е и давање соодветна понуда на компаниите однадвор во смисла на правење на роуд шоу, пристап до големите компании, до нивните претседатели, ангажман на министрите без ресор кои се задолжени за привлекување инвестиции, на Агенцијата за привлекување инвестиции и на промоторите  во триесетина држави.

– Ангажман и на сите други министри  во однос на еден вид сервис на компаниите и оние домашните што егзистираат и оние странските кои што се дојдени за да бидат задоволни од нивното работење тука и на некој начин да се охрабрат за наредна инвестиција, но и да не препорачаат како држава на други компании кои размислуваат да инвестираат тука во Македонија. Се разбира тука се сите други работи што се поврзани со правење добра бизнис клима, како што се ниски даноци, рамни даноци, како што се намалени бирократски процедури, забрзани постапки, се она што Македонија ја прави држава како една од најдобрите во светот во однос на добрата бизнис клима, изјави Груевски.

Според Груевски, добрата бизнис клима е основата со која потоа може да се прави маркетинг и да се привлечат компаниите да дојдат тука и да отворат нови работни места.

– Значи нови работни места се отвораат само со развој на реалната економија, тоа е главниот двигател, а за да се случи тоа потребно е првин да се има добро завршена домашна работа, а потоа сето тоа добро спакувано да биде продадено на потенцијалните инвеститори, како и добриот однос на Влдата кон инвеститорите, рече премиерот Груевски.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Вести

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.