Актуелно
Хан во понеделник во Скопје
Комесарот за преговори за проширување на Европската унија, Јоханес Хан, во понеделник ќе допатува во Скопје со цел да ги откочи преговорите за имлпементирање на политичкиот договор од 2 јуни/15 јули.
Како што неговата портпаролка Маја Коцијанчич потврди во изјава за МИА, Европската комисија одблиску го следи развојот на настаните во Република Македонија и бара четирите политички партии да се држат до распоредот во спроведувањето на точките од договорот што донесе крај на политичката криза во земјата.
– Можам да потврдам дека комесарот Хан, идната недела, поточно во понеделник ќе отпатува во Скопје за да се сретне со сите засегнати страни. Брисел ја следи ситуацијата одблиску и уште еднаш ќе повториме дека Европската комисија очекува партиите да се држат до распоредот во имплементирањето на точките од договорот од 2 јуни/15 јули, истакна Коцијанчич во изјава за МИА.
Токму поради Турција, но и Македонија, Еврокомисијата за првпат на подолг период го одложи објавувањето на прогрес-извештаите за напредокот на земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство во Европската унија. Истите, се планира на крајот на овој месец или на почетокот на ноември да бидат објавени, а зависат од усвојувањето на Акцискиот план за мигрантите со Турција, како и од развојот на политичките преговори во Македонија, од што зависи и давањето на седма последователна препорака за отворање на пристапните преговори.
&nbsnbsp;
– ЕК ги објавува извештаите отприлика ова време во годината. Но, во момент кога ќе се осигураме дека презентирањето и нивното усвојување ќе добие целосно јавно внимание што го заслужуваат извештаите, тогаш претседателот Жан-Клод Јункер ќе оцени кога да се објават, посочи главниот портпарол на Еврокомисијата, Маргаритис Схинас