Вести
Христос се роди, честит Божик!
Божик се честита со зборовите „Мир божји, Христос се роди“, на што се одговара „Ваистина се роди“. По 40 дена, денеска е прв мрсен ден. Оние кои утринава беа на Светата Литургија и се причестија, можат да си го прослават Божик за кое вообичаено се подготвува свинско печено.
„Раѓањето на нашиот Господ и Спасител Исус Христос е осмислувањето на нашето постоење. Со раѓањето на Исус Христос, нашиот живот повторно доби смисла, затоа што до тогаш, заради гревот, човекот испадна од заедницата со Бога и постана смртен и несреќен и неговиот живот немаше смисла. Со раѓањето, пак, на Богочовекот Христос повторно се воспостави таа заедница и можност за животот вечен и животот човечки доби смисла.
Бог го создал човекот да има живот вечен и радост и веселие во него. Тој живот вечен се состои само во заедницата со Живиот и вечен Бог. Ние сме во заедница со Него, ако ги исполнуваме Неговите заповеди и Евангелието.
Гревот е отпаѓање од таа благодатна заедница со Бога, а со тоа и од животот Вечен. Гревот е нашиот најголем непријател. Бидејки човекот згреши, тој отпадна од Бога и од вечен стана смртен.
Со раѓањето на Исус Христос, Бог се смири со луѓето. Со Неговото раѓање Бог ја раскина таа проклета разделба меѓу нас и Него. Само Исус Христос беше моќен да го стори тоа и Тој повторно го постави мостот, врската меѓу нас и Бог. Со тоа Тој повторно ни даде можност да се подигнеме од калта и проклетството на грешниот живот и смртта и да оживееме во Него. Без Богочовекот Исус Христос ние сме апсолутно ништо. Исус Христос е алфа и омега, почеток и крај и осмислување на нашиот живот.
Исто така, како што Христос нас ни прости и не посети, така ние треба да си простиме еден на друг и да се посетиме. Да не му даваме простор на ѓаволот да стои меѓу нас. Да не заборавиме дека, ако сме вистински Христијани треба вистински да го следиме Христос. И како што Тој прв не возљуби, така и ние треба први да подадеме рака и тогаш вистински ќе можеме заедно со ангелите да ја пееме Божествената песна: “Слава на Бога во висините, на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!” Ако не постапуваме така, тогаш бадијала Христос се родил за нас. Ние немаме ништо заедничко со Него. Немаме ништо со радоста на овој празник и нашето срце останува празно, темно и пусто.