Вести
ХУМАНА ТРАДИЦИЈА: Скопјани даруваат крв по повод празникот Голема Богородица
Општинската организација на Црвен крст – Центар во соработка со Институтот за трансфузиона медицина и оваа година по 15-ти пат ја реализира традиционалната крводарителска акција по повод празникот Голема Богородица.
Акцијата се одржува денес, од 9 до 17 часот во Домот на АРМ.
Инаку оваа крводарителска акција има долга традиција со голем одзив од страна на граѓаните на Скопје.
Софија Стојановска, претставник на општинска организација на Црвен крст – Центар потенцира дека веќе 15 години, околу 150 крводарители постојано се приклучуваат на акцијата. Има сѐ повеќе млади луѓе, првократни дарители.
– „Оваа акција веќе 15 години по ред покажува резултати на голема хуманост на граѓаните на град Скопје. Во 2003-та година, кога за првпат беше организирана, бројката на крводарители беше 146, додека како резултат на нејзината традиција и препознатливост, во 2016 година 214 граѓани ја покажаа својата хуманост со дарување на крв.“ – вели Стојановска.
Лани на акцијата биле собрани 214 крвни единици, а од Црвен крст – Центар се надеваат дека таа бројка годинава ќе се зголеми.
Вкупната бројка на реализирани крвни единици за изминатите 14 години е 3.234 крводарувања, или во просек 231 крводарител по акција.
Софија изразува надеж дека скопјани и сите посетители на главниот град ќе даруваат крв.