Вести
ХУМАНА ТРАДИЦИЈА: Скопјани даруваат крв по повод празникот Голема Богородица
Општинската организација на Црвен крст – Центар во соработка со Институтот за трансфузиона медицина и оваа година по 16-ти пат ја реализираaт традиционалната крводарителска акција по повод празникот Голема Богородица.
Акцијата се одржува денес, од 9 до 17 часот во Домот на АРМ.
Инаку оваа крводарителска акција има долга традиција со голем одзив од страна на граѓаните на Скопје.
Валентина Колеска, секретар на општинската организација на Црвен крст – Центар потенцира дека веќе 16 години, околу 150 крводарители постојано се приклучуваат на акцијата. Има сѐ повеќе млади луѓе, првократни дарители.
– „Оваа акција веќе 15 години по ред покажува резултати на голема хуманост на граѓаните на град Скопје. Во 2003-та година, кога за првпат беше организирана, бројката на крводарители беше 146, додека како резултат на нејзината традиција и препознатливост, во 2017 година 210 граѓани ја покажаа својата хуманост со дарување на крв.“ – вели Колеска.
Целта на акцијата е да се обезбедат поголеми количини на крв во летниот период, заради можностите од недостаток на крв и крвни деривати.
Организаторите велат дека традицијата покажува резултати на голема хуманост на граѓаните на град Скопје. Вкупната бројка на реализирани крвни единици за овие 15 години е 3444 крводарувања, или во просек 230 крводарители по акција.
Колеска изразува надеж дека скопјани и сите посетители на главниот град ќе даруваат крв.