Вести
И покрај апелот на градските власти во Скопје се запалија коледарските огнови
На рекордна загаденост од неколку стотици микрограми на метар кубен од ПМ10 честици, скопјани и покрај апелот од општините и Градот Скопје и годинава ги запалија коледарските огнови.
Како што велат, тие се верни на традицијата:
– „Тоа е традиција која скопјани ја правеле со години и не може туку така да се прекине!“ – вели жителка на општина Аеродром.
Таа објаснува дека на тој начин се подготвуваат за утрешниот празник на кој заедно со семејството ќе го чекаат Христовото раѓање.
Коледарски оган вечерва гори и во Маџир маало, каде е присутен и градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ, а огнови горат скоро во секое „маало“ и во скопските општини Аеродром и Карпош.
И црквата го осуди палењето на огновите.
– „Некој ќе рече па зошто да не ги палиме, ние се собираме. Јас ќе го прашам зошто па на Бадник го правите тоа, правете го секој ден, правете го еднаш месечно и на крајот да го имаме и хуманиот аспект а тоа е дека во времето кога е презагаден воздухот кога имаме многу сиромашни, место безполезно да ги трошиме тие дрва, можеме да ги донираме“, вели Отец Бобан.
Градските власти апелираа скопјани да се воздржат од палење бадникарски огнови со цел да се заштити животната средина и воздухот, а градоначалниците на сите скопски општини годинава донесоа одлука и за забрана за доделување дрва од општините за таа намена.
– „Граѓаните кои ќе видат запален оган на отворено можат да пријават на телефонската линија 193″, апелираат од Град Скопје.