Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Иванов: Договорот со Грција е штетен и нема да го потпишам

Вести

Иванов: Договорот со Грција е штетен и нема да го потпишам

Претседателот Ѓорге Иванов оцени дека договорот со Грција е штетен за Република Македонија, дека е лична одлука и одговорност на премиерот Зоран Заев и министерот Никола Димитров и дека нема да го потпише. 

Во ТВ-обраќање попладнево тој пред македонската јавност соопшти дека  договорот му бил доставен на увид утрово на средба со  Заев и Димитров на која, како што рече, им кажал дека е нивни личен договор, нивна лична одлука и нивна одговорност.

– Им укажав дека овој штетен договор претставува напуштање на досега изградените суштински државни позиции кои беа потврдени и на последните две лидерски средби. Тоа се неменување на Уставот и неприфаќање име за севкупна употреба или ерга омнес. Ваквиот штетен договор, кој е единствен во историјата на човештвото, за мене е недостоинствен и неприфатлив. Со него се крши Уставот, законите и се рушат државните институции. Нема да легализирам политички дивоградби. Владата не смогна сила и храброст да изградиме заеднички став и да се постигне национален консензус, истакна Иванов.

Целиот преговарачки процес, според Иванов, се одвивал несериозно,  неодговорно и нетранспарентно, за што сведочи и крајниот резултат. Нагласи дека текстот на договорот е поразителен за Република Македонија и со него не се предвидува само промена на уставното име, туку промена на преамбулата, како и на сите членови од Уставот каде се спомнува името и термините произлезени од името Македонија.

– Дали е достоинствено да се информираат сите членки на ОН дека сте го промениле уставното име. Дали е достоинствено да ги прифатите сите грчки барања и ултиматуми. Дали е лидерство да се прифати текст на договор во кој нема никаква правна сигурност и гаранција за македонската страна. Со ваков договор се отвораат многу повеќе прашања и проблеми отколку што се затвораат. Прашања со несогледливи последици по македонската држава и македонскиот народ. Грција успеа да ги исполни своите максималистички барања. Одговорно тврдам дека тоа што го напрви со Македонците во Грција сега, преку овој договор, настојува да го направи со Македонците во Македонија, рече шефот на државата на обраќањето од „Вила Водно“.

Со ваков договор, според претседателот, не се јакне македонскиот идентитет, туку се деградираат веќе стекнатите права кои ги имаме во Обединетите нации. Се погазува, рече, заветот на нашите предци кои го создаваа вековниот идеал и стремеж за  единствена Македонија, се погазува 73-годишното право на самоопределување и државност на македонскиот народ и се брише 27-годишната историја на независна македонска држава.

– Република Македонија  ја  губи својата суверена еднаквост  што произлегува од повелбата на Обединетите нации.  Повикувам да се престане да се злоупотребува остварувањето на нашите стратешки цели и определби. ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор кој ќе предизвика несогледливи и штетни последици по државните и националните интереси  на Република Македонија. Ваквиот договор не го обединува општеството, туку дополнително го поларизира, рече Иванов.

Како претседател, нагласи тој, и во иднина ќе се залага за изнаоѓање решение кое нема да го наруши достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија и го повика народот да не се плаши.

– Мојот став е конечен – нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор, заклучи претседателот Иванов во обраќањето пред македонската јавност.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Вести

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.