Актуелно
ИВАНОВ: Македонија придонесе за безбедноста во Европа
Горд сум што како Врховен командант, со субјектите на кризниот менаџмент, со навремена реакција успеавме да ја заштитиме националната безбедност на Република Македонија, рече претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во својот говор на 71. Генерално собрание на Обединетите нации, говорејќи за мигрантската и бегалска криза.
– Првиот мигрантски бран ги еродираше европските институции, механизми и политики. Спречувајќи ја илегалната миграција, Република Македонија успеа во голема мера да придонесе за безбедноста на Европа. Европа веќе се соочува со вториот, помасовен бран. Повеќе од 20 милиони мигранти и бегалци од Азија и од Африка се наоѓаат во близина на надворешните граници на Европа. Во наредните години и децении милиони мигранти ќе се обидуваат да дојдат на европскиот континент. Република Македонија ја спречува илегалната миграција која доаѓа од територијата на ЕУ. Унијата мора да изнајде начини и механизми да ги заштити границите, да ги обезбеди коридорите, а оние мигранти и бегалци кои ќе ги прими, да ги интегрира, без притоа да ги асимилира, рече претседателот Иванов.
Од првиот ден на независноста, рече претседателот Иванов, се соочуваме со постојани и директни закани кои доаѓаат од територии на земји членки на ЕУ и НАТО, или земји под управа на Обединетите нации.
– Голем дел од нашите внатрешни ризици и опасности се последица на увезени кризи. Со исклучок на билатералната поддршка за која сме многу благодарни, Република Македонија сама се справува со кризите и со намалувањето на ризиците. Преземаме мерки и носиме одлуки за заштита на нашата, а со тоа и на европската територија. За тоа трпиме критика и закани преку блокирање на нашата интеграција. Неодлучноста на ЕУ да се справи со мигрантската криза ја загрози безбедноста на Република Македонија. Бевме првата држава во Европа која прогласи кризна состојба и ја распореди армијата на своите граници. Горд сум што како Врховен командант, со субјектите на кризниот менаџмент, со навремена реакција успеавме да ја заштитиме националната безбедност на Република Македонија. Знам дека многумина во Европа се благодарни за она што Република Македонија го прави за нив. Некои се похрабри и признаваат, некои се помалку храбри, но верувам го почитуваат тоа, рече претседателот Иванов во говорот на 71. Генерално собрание на Обединетите нации.
Досегашниот однос кон мигрантите, оцени претседателот Иванов, во некои европски земји направија гета без ѕидови, во кое различните се толерираат без вистински да се почитуваат, во кое се трпат, без да се прифаќаат. Ваквиот однос водеше кон изолационизам, отуѓување и плодна почва за радикализам, насилен екстремизам и тероризам, оцени претседателот Иванов.
Друг клучен проблем со кој се соочува европскиот континент, според претседателот Иванов, е заканата од тероризам.
– Од почетокот на овој милениум, ние сме во отворена борба со глобалниот тероризам. Република Македонија е дел од коалицијата што во изминатите 15 години уништи многу терористички ќелии, доби многу битки, но се уште не ја доби војната против тероризмот. На овој план се соочуваме со сериозен предизвик, рече претседателот Иванов.
Ние не си имаме работа со организации, туку со движења за освојување територии, придвижени од идеи што надминува етнички, јазични и културни разлики. За да победиме во борбата против тероризмот, не се доволни воени трупи. Неопходно е борбата да ја водиме и со идеи. На радикализацијата да се спротивставиме со програми за контра-радикализација, рече претседателот Иванов во својот говор на 71. Генерално собрание на Обединетите нации.
Бараме да ни се почитува правото на самоидентификација и човеково достоинство
Јас сум Македонец, моите сограѓани се Македонци и од оваа говорница ви се обраќам на македонски јазик. Бараме сите да не почитуваат како Македонци, како што ние го почитуваме правото на сите да се идентификуваат така како што се чувствуваат. Како што ние, на сите им го почитуваме правото на самоидентификација и човеково достоинство, бараме истото да се однесува и на нас. Сакаме како Македонци да соработуваме и да имаме најдобри односи со сите наши соседи, порача претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во обраќањето на 71. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, говорејќи за прашањето за името.
Според македонскиот претседател, поради двојните стандарди и непочитувањето на меѓународното право, меѓународниот поредок полека деволуира во, како што рече, глобален хаос и непоредок, а во својот четврт век независност, Република Македонија ја почувствувала оваа сурова реалност.
– На нашиот пат кон меѓународно признавање и интегрирање се соочивме со многу блокади и претрпени штети. Се соочивме со негирање на правото на самоидентификација на македонските граѓани, без кое нема ниту интегритет на човековата личност, ниту човечко достоинство. Поради ова прашање, дури и денес сме блокирани во меѓународни организации, како НАТО и Европската унија. Веќе 5 години Република Македонија чека меѓународната заедница да ја испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата, рече претседателот Иванов.
Деновиве од устите на многу државници, тука, од ова место, ќе слушнете за неопходноста од почитување на меѓународното право. Но, исто така, многумина по заминувањето од ова место ќе заборават на она на кое повикуваат. Пресудата од Меѓународниот суд на правдата во спорот меѓу Македонија и Грција, донесена уште пред 5 години – на неа потсетив и пред 2 години од оваа говорница. Но, пресудата до ден денес не е испочитувана. Ова е еден од школските примери за неефикасноста на нашата светска организација, рече претседателот Иванов.
Неодлучноста на Европската унија и НАТО да ја деблокираат интеграцијата на Република Македонија, рече претседателот Иванов, беше една од главните причини за постојаната внатрешнополитичка криза во Македонија што кулминираше оваа година.
– Последиците од блокадите станаа причини за нови блокади. Но, Република Македонија не е исклучок. Целиот регион на Балканот стагнира. Одново се јавуваат ретроградни процеси. Балканските држави наивно веруваа дека некој од надвор ќе им ги реши проблемите. ЕУ очигледно ја нема таа моќ, рече македонскиот претседател.
Решението за разликата околу името, според македонскиот претседател, треба да се бара во рамките на Времената спогодба, резолуциите на Обединетите нации и пресудата на Меѓународниот суд на правдата.
Заедно со примерок од говорот на претседателот Иванов, до сите учесници на 71. ГС на ОН беше дистрибуиран и документ со преглед од најважните поенти од Пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 5 декември 2011 година.
Претседателот Иванов го покани грчкиот премиер Ципрас да ја посети Македонија
Претседателот Ѓорге Иванов, говорејќи за прашањето за името на 71. Генерално собрание на Обединетите нации, упати покана до грчкиот премиер Алексис Ципрас да ја посети Македонија и да биде специјален гостин на самитот на лидерите од Брдо-Бриони процесот, што следната година ќе се одржи во нашата земја.
– Нема проблем што не може да се реши и разлика која не може да се надмине. Единствен предуслов е да се почитуваме и преку дијалог да доаѓаме до решенија. Следната година Република Македонија ќе биде домаќин на Процесот Брдо-Бриони, што полека ги заменува декларативните регионални иницијативи и механизми. Би сакал како специјален гостин на Самитот да учествува Премиерот на Грција, рече претседателот Иванов, во својот говор на 71. Генерално собрание на Обединетите нации.
Претседателот Иванов ги поздрави мерките за градење доверба со Република Грција и повика на нивно проширување и внесување нови содржини.
Колку побргу ги исполнуваме мерките, толку побргу ќе создадеме позитивен амбиент за да бараме решение за разликата околу името, во рамките на Времената спогодба, резолуциите на Обединетите нации и пресудата на Меѓународниот суд на правдата, рече македонскиот претседател.
– И во вакви сложени околности Република Македонија прави се што е во нејзината можност за да има најдобри можни односи со сите соседи. Со Грција имаме разлика околу која се води процес во Обединетите нации. Двете соседни земји имаат едно отворено прашање, а илјадници области каде имаат заеднички интерес, но и сериозни предизвици како мигрантската криза, безбедноста, кои не упатуваат на тесна соработка. Прашањето за името не смее да биде пречка да остваруваме максимална соработка во сите области од заемен интерес. Но, изгубивме драгоцено време, рече претседателот Иванов на 71. Генерално собрание на Обединетите нации.
Новиот генерален секретар да биде од источна Европа
Новиот Генерален секретар на Обединетите нации кој набргу треба да го замени сегашниот Бан Ки-Мун, да биде избран од источно-европската група на држави, членки на ОН, повика претседателот Иванов во своето обраќање на генералната дебата на 71. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Воедно, македонскиот претседател му посака успех во кандидатурата за Генерален секретар на ОН, на поранешниот министер за надворешни работи на Македонија и поранешниот претседател на Генералното собрание на ОН Срѓан Керим.
– Годинава ОН ќе изберат и нов Генерален секретар. Република Македонија го номинираше поранешниот претседател на Генералното собрание на Обединетите нации Срѓан Ќерим за оваа одговорна позиција. Ги цениме напорите овој процес да биде транспарентен и да биде согласно заслугите на кандидатите. Процесот на селекција веќе започна во Советот за бебзедност. Во оваа пригода, сакам да му посакам многу среќа на Керим, но и да го повторам повикот новиот Генерален секретар да биде избран од Источно-европската група на држави, истакна македонскиот претседател.
Од говорницата на ОН во Њујорк, Иванов се заблагодари на досегашниот Генерален секретар, и како што рече негов пријател, Бан Ки-мун за сите негови неуморни напори во соочувањето со бројните светски предизвици, но и во спроведувањето на реформата на Организацијата.
Во својот говор македонскиот претседател се осврна и на целите на Обединетите нации и на прашањето за човековите права и слободи, според кого како да се заборааваат и запоставуваат од земјите членки.
– Прогонувањето на луѓе со различна вера и уверување е се поизразено, не само во не-секуларни, туку и во развиени и секуларни општества. Во вакви услови, некои дури го поставуваат прашањето дали денес Обединетите нации воопшто би можеле да ја усвојат Универзалната декларација за човекови права. Оваа организација ги претставува сите држави, со сите нивни разлики. Но, треба да внимаваме, правејќи компромиси, да не ги компромитираме темелните вредности и слободи и визија. А визијата е запишана во Повелбата на Обединетите нации и во Универзалната декларација за човековите права, истакна Иванов.
Да им дозволиме на младите својот идеализам да го внесат во глобалните иницијативи
Потребни ни се повеќе политики од младите за младите. Долго време ние одлучуваме за нивната иднина, без да им дозволиме тие да бидат дел од процесот на носење одлуки. Можеби затоа многу глобални, регионални и локални политики не беа поддржани од младите и останаа само на хартија. Време е тоа да се промени, порача Иванов во своето обраќање на генералната дебата на 71. Генерално собрание на ОН, зборувајќи за младинските политики.
– Не ги земавме сериозно нивните потреби, барања и желби, а потоа очекувавме тие да ги следат правилата на игра што ги создадовме за нив, но без да ги консултираме, рече македонскиот претседател.
Во својот говор тој ја посочи Школата за млади лидери која седум години успешно се реализира под негово покровителство и иницијатива, како позитивен пример од која извираат политики и проекти од младите што се наменети за младите, во Република Македонија но и пошироко.
– Годинава учесниците на Школата за млади лидери беа дел од “лабораторија на идеи“ во која развиваа проекти за одржлив развој, за унапредување на јавната администрација, за инфраструктурни, образовни и здравствени прашања, за зголемување на вработеноста и намалување на сиромаштијата. Вакви проекти треба да поддржуваме и промовираме, за што стапив во контакт со адекватните инстанци во Светска банка. Проекти за иновативни идеи и креативни решенија на младите, кои не се заробеници на стариот светоглед што исчезнува, истакна македонскиот претседател.
Според него, младите се генерација на нови технологии, генерација која ги живее придобивките на глобалното поврзување со пристап до огромен број сознанија и информации.
– Да им дозволиме на младите својот идеализам и перцепција да го внесат во регионалните и глобалните иницијативи и организации. Да им дозволиме да го внесат нивниот свеж поглед на новата реалност во која живееме, неоптоварен со предрасудите од минатото. Бидејќи, минатото е нешто на кое се потсетуваме, а не место во кое престојуваме, порача Иванов во своето обраќање.