Вести
ИВАНОВ: На 30 септември нема да излезам да гласам
Два пати ја добив довербата на граѓаните за да не дозволам промена на Уставот со цел промена на уставното име, да не прифаќам идеи и предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Не отстапувам од тоа мое ветување. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам, порачал претседателот Ѓорге Иванов пред Обединетата Македонска Дијаспора во Детроит, соопшти Кабинетот на Претседателот.
Претседателот Иванов навел дека согласно член 7, став 3 од Законот за референдум, никој не може да биде повикан на одговорност за гласање, односно негласање на референдум. Секој граѓанин, рекол Иванов, има право да одлучи како ќе постапува во однос на овој референдум, да излезе и да гласа, или, пак да не излезе и да бојкотира.
– Што се однесува до мене, јас веќе гласав. Гласав пред 27 години, на 8 септември 1991 година. Јас бев еден од оние кои го дадоа својот глас за Република Македонија да се конституира како суверена и независна држава, со свое име и свое достоинство. Не отстапувам од таа моја одлука. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам. Кога ја преземав функцијата Претседател на Република Македонија, положив свечена изјава дека ќе ги почитувам Уставот и законите. Не отстапувам од таа моја заклетва. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам, потенцирал македонскиот претседател.
Иванов порачал дека во согласност со Уставот на Република Македонија, сувереноста извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. – Немојте да дозволите некој тоа право да ви го одземе, немојте да дозволите некој да ве десуверенизира. Не дозволувајте некој друг да ви ја контролира вашата свест и вашата национална гордост, истакнал македонскиот претседател.
Како што стои во соопштението, Иванов потнцирал дека прашањето за името и идентитетот е постаро и поскапо од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија, од секој претседател, од секој поединечен интерес. – Имајќи го сево ова предвид, навел, јас ја донесов мојата одлука. Верувам и убеден сум дека и граѓаните на Република Македонија на 30 септември ќе донесат исправна и мудра одлука.
Тој се заблагодарил за сета досегашна поддршка од дијаспората и изразил верување дека и во овој период на предизвици дијаспората ќе ја искористи секоја можност за да и помогне на Македонија.
Иванов во обраќањето го реафирмирал својот став дека спогодбата со Грција е штетна и поразителна за Република Македонија и оти решението што им се нуди на македонските граѓани на референдум е донесено без национален консензус, спротивно на досега изградените државни позиции и без негово знаење и согласност.
– Со оваа спогодба не само што се менува името на постојната држава, туку се создава нова, полусуверена држава, со ново име, со нов внатрешно-правен и меѓународно-правен идентитет, рекол претседателот.
Тој додал дека без вистински реформи, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентелизам, нема членство во Унијата и НАТО. – И да се прифати штетниот грчки договор, и да се промени македонскиот Устав, членството во ЕУ и НАТО не следува по автоматизам“, рекол претседателот и потенцирал дека „отсекогаш се залагал за исполнување на стратешките цели на Република Македонија, но и за решение кое нема да задира во идентитетот на македонскиот народ и нема да биде на штета на македонските национални интереси“.
На Гала вечерта во организација на Обединетата Македонска Дијаспора на претседателот Иванов му е доделено највисокото признание „Глобален државник“. На Гала вечерта на ОМД присуствуваа и конгресмените на САД, Пол Мичел и Деби Дингел.
Претседателот на Република Македонија престојува во работна посета на САД по повод учеството на 73. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк.