Вести
„Излези ЗА европска Македонија“ – почна кампањата за успешен референдум
Владејачките партии, вонпарламентарни партии и невладини организации се обединија под слоганот „Заедно ЗА европска Македонија“ во повикот до граѓаните за позитивен исход на референдумот и за евро-атлантска иднина на Македонија. Премиерот Зоран Заев кој ја промовираше кампањата најави дека во коалицијата што ќе води кампањата „Излези ЗА европска Македонија“ заедно се здружени околу стотина субјекти и се очекува таа бројка да расте.
Премиерот рече дека референдумот има значење на втора независност за Македонија. Тој ги повика ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да се вклучат во кампањата и да го поддржат референдумот
– Гласањето на 30 септември на многу начини е уште еден референдум за зацврстување и потврдување на нашата независност. Заедно ќе ги обезбедиме нашите граници, ќе го афирмираме нашето културно наследство и нашата посебност и ќе добиеме сигурна перспектива за иднината како членка на НАТО и ЕУ, истакна премиерот Зоран Заев, промовирајќи ја кампањата.
Убеден е дека овој референдум за, како што посочи, иднината на Македонија ќе се оствари со консензус како што се случи и со референдумот за независноста.
– Граѓаните ќе бидат заедно за европска Македонија. Време е Република Македонија да тргне уште побрзо по вистинскиот пат, пат кој е над дневните расправии на политиката и жестоките полемики во нашето општество, нагласи Заев додавајќи дека ни престои настан со историски пропорции што ќе влијае на годините што доаѓаат и оти иднината на нашите деца е поважна од сите политички партии.
Тој ја повика опозицијата да се приклучи и да не дозволи оваа историска и неповторлива шанса Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ.
Преку кампањата ќе се информираат граѓаните за придобивките од интеграциите во ЕУ и НАТО и ќе им биде објаснето дека македонско-грчкиот договор е договор за македонската иднина.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети порача дека референдумот е изјаснување за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО и за едно подемократско општество со целосно владеење на законот и беспоштедна борба против корупцијата и организираниот криминал.
– Нашата земја, ние како политичари, нашето општество, се наоѓаме пред клучни моменти кога е потребна храброст и одлучност. Сите ние сплотени ве повикуваме да гласаме за Европа за НАТО, рече Ахмети и тој ја повика опозицијата да им се придружи.Од опозицијата се уште немаат став дали ќе го поддржат референдумот и ќе ги повикаат граѓаните да го дадат својот глас, без разлика дали за или против договорот со Грција, или пак ќе повикаат на бојкот.
Претставниците на меѓународната заедница, пак, и натаму на македонските граѓани им пораќуваат дека Македонија има историска шанза за членство во ЕУ и НАТО и оти треба да излезат на референдумот.
Американскиот амбасадор Џес Бејли од Прилеп порача дека граѓаните се тие што ја носат одлуката за својата иднина.
– Сакаме Македонија да се придружи на НАТО и ЕУ. САД се партнер на Македонија веќе 25 години и ние мислиме дека преспанскиот договор, иако е тежок, претставува фер компромис кој го отвара патот кон таа светла иднина, рече Бејли при вчерашната посета на Прилеп од каде упати порака македонските граѓани да го искористат своето право на глас.
Во Прилеп вчера беше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска која го објасни придобивките од членството во НАТО, што, како што посочи, прво позитивно ќе ги почувствуваат сите припадници на АРМ. Членството во НАТО, според неа, ќе значи помодерна и подобро платена Армија.
Затоа, рече таа, сум убедена дека на 30 септември граѓаните на Прилеп и другите општини ќе го направат изборот, со кој Македонија ќе ја потврдиме, дека ќе има НАТО и европска перспектива, зголемена безбедност, повисоки инвестиции, подобри плати и повеќе работни места.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и натаму не го соопштува својот став, дали ќе повика на бојкотна референдумот или за гласање против договорот, кој според нив значи бришење на македонскиот идентитет.
– Со капитулантскиот договор се менува името на Република Македонија, се менува уставот на Република Македонија, македонскиот јазикот, македонската националноста, македонската културата, македонската историјата и традицијата. Република Македонија не само што се откажува од Македонците надвор од границите на државата, туку се откажува од сето она за кое што се бореле нашите предци и за сето она што ни е дадено да го чуваме во аманет, рече на вчерашната прес-конференција генералниот секретар на партијата Игор Јанушев.
Според него, да се поистовети несогласувањето со ваквиот, како што рече, штетен и капитулантски договор со неприфаќање на европските вредности е невидено потценување на македонскиот народ.