Вести
Каде и да си, за Бадник дома да си!
Каде и да си, за Бадник дома да си. Ова е поговорката која православните христијани ја кажуваат за Бадник, ден пред најголемиот христијански празник, Божиќ.
За Бадник семејството се собира на посна и богата вечера. Според верувањата и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза.
Домаќините се трудат да принесат од сѐ по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка.
Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши лепчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.
Утрината, пак, голем број на деца – коледари одат по куќите и го навестуваат Христовото раѓање, а како подарок за убавата вест добиваат разни слатки. И колку да ве потсетиме на песничката која ве буди во раните утрински часови:
Коледе леде
паднало греде
утепало деде
деде се мачи
баба го квачи
со четири јајца
гускини, шаткини.
Денес е Коледе,
утре е Божиќ
ќе колеме теле
теле вика леле
не колете мене
ќе ви купам зеље
да месите пита
да јадете сите.
Коледееееееееее…