Актуелно
Климатска рехабилитација за 200 деца на Пелистер
Седумдневна климатска рехабилитација на Пелистер, за децата кои боледуваат од болести на респираторниот систем, анемии, алергии и слично, а се резултат на загадувањето и годинава обезбеди Министерството за животна средина и просторно планирање.
Активноста се реализира согласно Програмата на Министерството и на Владата на Република Македонија, а е во организација на Друштвото на родители за грижа на здраво поколение од Велес.
– Втората смена која опфаќа вкупно 200 деца започнува во понеделник, 17 август, и финансиски е комплетно покриена од буџетот на Министерството. Со неа се опфатени деца од Велес, селата Осломеј, Возарце и Миладиновци, како населени места кои се непосредено изложени на историското загадување од индустриските капацитети ОКТА, ОСЛОМЕЈ и ФЕНИ, соопшти денеска Министерството за животна средина и просторно планирање.