Актуелно
Крводарителска акција во чест на Тоше во Дом на АРМ
Традиционалната крводарителска акција посветена на Тоше Проески по повод денот на неговото раѓање (25 јануари) ќе се одржува денеска во холот на Дом на АРМ во Скопје од 10 до 17 часот.
Организирана е од Црвениот крст на Град Скопје, Црвен крст Гази Баба, Институтот за трансфузиска медицина, Тоше фан клубот и со поддршка на волонтерите од Клуб 25.
– Ликот и хуманото дело на Тоше Проески се позитивен пример и поттик за многу млади личности кои токму на овој датум даруваа крв, но и мотивација за повеќекратните дарители да продолжат со хуманиот чин, соопшти Црвениот крст на Град Скопје.
Денешната ќе биде 12-та крводарителска акција во чест на Тоше (1981-2007). Традицијата почна во 2010 година и оттогаш акции се одржуваат двапати во годината – во јануари и во октомври.
Во изминатите 11 крводарителски акции во спомен на Тоше Проески 3.300 лица дарувале крв.