Вести
Кум на 25. Бадникарска прослава e Радко Манов, а здравичар Љубиша Николиќ
Кум на 25-тата прослава на Бадник ќе биде Радко Манов, извршен директор во ГАМА, а здравичар Љубиша Николиќ, фудбалер, тон-мајстор во пензија, водител и режисер кој целиот работен век го поминал во Македонското радио, соопшти денеска на прес-конференција Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје“.
Од здружението информираат дека се подготвени и оти може да се очекува успешна приредба и дружење.
Дончо Герасимовски, секретар во Општина Центар и посака успех на манифестацијата и уште долго да се одржува. Тој потсети дека општина Центар традиционално ја поддржува оваа прослава.
Новиот кум Манов потсети на традицијата која, како што рече, датира од 1993 година кога ја почнаа тројца ентузијасти Борче, Мац и Коле пред пазарчето во Буњаковец каде што им делеа бесплатно бадникови гранчиња на скопјани.
Манов истакна дека му претставува големо задоволство што е избран да биде кум и што ќе ја продолжи оваа традиција.
Здравичарот Љубиша Николиќ им се обрати на присутните со свои стихови и додаде оти каде и да оди без Македонија и без неговиот град Скопје не може да живее.
На 25-ми декември во 12 часот во Говрлевска Краста на Водно ќе се берат бадникови гранчиња, а прославата е на Бадник, 6 јануари, од 10 до 13 часот пред Соборниот храм во Скопје.