Актуелно
Мај со натпросечни температури, Берово и Битола над досегашниот максимум
Измерените температури во мај во Македонија се повисоки од просечните од 0,6 до 2 степени целзиусови. Во Битола и Берово измерените температури ги надминаа досегашните највисоки регистрирани во Македонија за месец мај. Измерените количини врнежи на сите места се под просекот за овој период.
Средно месечните температури на воздухот според мерењата на Управата за хидрометереолошки работи во мај се движеа од 11,8 степени во Маврово, до 21,2 степени во Гевгелија.
Во Берово средно месечните температури изнесуваа 14,7, во Крива Паланка, 15,7, во Охрид 16,1, во Прилеп 17,3, во Битола 17,9, во Штип 19,3, во Скопје 18,9, Струмица 19,9 и Демир Капија 20,1 степен.
Средно месечните максимални температури беа над просечните вредности и исто како средно минималните температури на воздухот се повисоки за 1 до 2 степена. На две мерни места измерените апсолутни вредности на температурите ги достигнаа и ги надминаа вредностите кои се регистрирани во текот на целиот мерен перод на месец мај.
Во Берово е измерена апсолутна температура од 30,6 степени исто како во 1969 година, додека во Битола е измерена температура од 34,7 степени и ја надмина температурата измерена во 2008 година од 34,4 степени целзусови.
Измерената месечна вредност на врнежи во мај годинава изнесува од 8 милиметри во Гевгелија, до 61 милиметар во Крива Паланка. Во Скопје се измерени количини 10 милиметри, во Демир Капија 12, во Струмица 16, во Охрид 17, во Штип 25, во Маворово 33, во Прилеп 35, во Битола и Берово 47 и во Лазарополе 50 милиметри.