Актуелно
МАГАЗИНОТ „ВОГ“ ЗА МАКЕДОНИЈА: Секој оброк е подготвен со страст и љубов
Каде и да одиш, секој оброк е подготвен со страст и љубов, без разлика дали си во центарот на Скопје или во дневната соба на земјоделец од локално село. И не само тоа, овде акцентот е целосно ставен на квалитетот, што значи се што се прави од почеток, без адитиви и конзерванси, на кои што толку многу сме навикнати во западната кујна.
Ова е само дел од репортажата за Македонија објавена во вчерашниот број на светски реномираниот „Вог“ .
Под насловот „Зошто Македонија станува новата дестинација за гурмани“, „Вог“ ја опишува земјава како идеална дестинација за храна каде луѓето се едни од најгостољубивите на светот, а природната убавина го одзема здивот.
– Македонија е претежно планинска земја и под влијание на различни клими, од долините на југ, до врвовите на југозападниот регион или областите на Охридското и Преспанското езеро. Но, ова е само една од главните причини поради кои може да произведе толку широк спектар на овошје, зеленчук и житарици, еден дел од сложувалката. Другиот произлегува од фактот дека земјоделците тука ретко користат пестициди или адитиви. Нивните фарми отсекогаш биле органски, стои во написот.
Преку разговори со производители, сопственици на ресторани и хотели, „Вог“ се осврнува на спецификите на македонската кујна, на труското влијание што го претрпела за време на отоманската империја, како и на денешните, актуелни трендови.
– Додека светот се уште интензивно бара да се врати на органска храна, руралните средини во Македонија и домаќинствата тука, тоа го прават со децении. Овој концепт на т.н стара школа им дава на нашите земјоделски производи полн вкус. Тоа го прави секој зеленчук и овошје посочни, месото посвежо и помеко. Некои од нашите јадења можеби не изгледаат убаво, но тие се вкусни и здрави, вели еден од соговорниците.
Во текстот се спомнуваат Јанче и Дихово како едни од поатрактивните локации кога станува збор за гастрономијата.
Репортажата завршува со препораки за места кои секој гостин во земјава мора да ги посети, а во целост може да се прочита на http://www.vogue.com/13495447/macedonia-foodie-crawl-slow-food/