Вести
Магла по долините, разведрување и сончево од пладне
Долж Повардарието и во Пелагонија и во дебарскиот крај утрово има магла или само намалена видливост. На крајниот југоисток има и ниска облачност. Во останатиот дел од земјата е ведро. Во Скопската котлина исто така има магла, а кон запад само намалена видливост, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Најниската температура од минус три утрово е измерена во Битола, минус два во Крива Паланка и Куманово, во Тетово, Берово и Маврово минус еден, нула степени се измерени во Скопје Петровец, Демир Капија и Прилеп.
Во Лазарополе, Пожаране, Крушево и Штип еден степен над нулата, два степена во Ѓуриште, Скопје и Претор, три во Тополчани, Виница и Охрид, четири во Дебар, пет степени во Струмица, осум во Гевгелија и девет степени во Дојран.
УХМР информира дека денеска претпладне во долините ќе се задржи магла која постепено ќе слабее. Ќе се намали и облачноста која сега ја има на југоисток Од пладневните часови ќе преовладува претежно сончево и тивко. Температурата ќе биде во интервал од 9 до 16 степени.
Во Скопје претпладне со магла, а понекаде само со намалена видливост. Од пладневните часови че биде претежно сончево со слаб југоисточен ветер. Температурата до 10 степени.
До петок ќе продолжи периодот на сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност и со магла или намалена видливост по котлините.
За време на викендот ќе биде променливо облачно со повремен дожд, а условите за магла ќе се намалат. Во недела утринската температура ќе биде позитивна насекаде.