Вести
Македонија ја прослави поканата за НАТО, претстои историска година
Под мотото „Одиме напред, Македонија во ЕУ и НАТО“ саиноќа во организација на Владата се одржа прослава по повод добивање покана за пристапни преговори за членство на Македонија во НАТО. Централната прослава се одржа во Скопје, а се славеше и во други 14 градови во Македонија.
– Македонија има причина да слави. Дочекавме големи настани. Ги остваруваме нашите заеднички стратешки цели, нашите заеднички сонови и надежи. Концертите вечерва се покана за обединување со сите наши политички разлики околу остварените стратешки цели на нашата земја – членство во ЕУ и во НАТО, порача премиерот Зоран Заев од прославата во Битола.
Според него ова се настани што ни се дадени и заслужени како и за тоа да го испратиме во историјата и да го заборавиме еднаш засекогаш синдромот да го порекнуваме успехот на другиот затоа што секој успех е успех за сите нас, за секој граѓанин.
Тој оцени дека тоа што го направи Македонија за само една година е успех за сите без разлика на политичката определба. – Имаме зошто да славиме и да се издигнеме над делбите. Сега како никогаш досега да си подадеме рака. Сакам да ги повикам сите граѓани и да им порачам денеска силите што не делат не се толку силни како силите што не обединуваат. Силите што не обединуваат се датумот за преговори со ЕУ и поканата за членство во НАТО. Тоа се силите што ни ја отворија иднината, истакна Заев.
Повикувајќи ги граѓаните сами да си одговорат на прашањето каде бевме пред една година, каде сме денеска рече Македонија е слободна земја, секој граѓанин самостојно одлучува и ќе одлучува за својот став.
– Ве повикувам уште еднаш и ќе ја повикувам опозицијата отсега па понатаму секој ден – ајде да ја избереме македонската иднина, нашата заедничка иднина. Ајде да престанеме со сеење омраза, да се издигнеме над делбите и разликите заради нас, заради нашата држава и заради иднината на нашите и на следните генерации, порача премиерот.
Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска од Скопје потенцира дека сега е денот кога можеме да кажеме дека нешто успеавме заедно, дека за оваа држава издејствувавме две историски шанси – почеток на преговори со ЕУ и покана за НАТО.
– Многу години имавме чувства дека ја пропуштаме секоја шанса и дека лоши работи се случуваат на државата и на граѓаните. На сите нас ни е доста од лоши вести од трауматични искуства. Да кажеме дека кога сме заедно, кога знаеме што сакаме дека навистина можеме да покренеме планини. Чувството на сите денеска во различни градови низ Македонија е токму тоа, сакаме добри вести и сакаме резултати. Заедно можеме да ги оствариме, рече Шекеринска.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека очекува доколку сите работи се направат како што треба, шансите се големи Македонија следната година да стане земја членка на НАТО.
– Ако не го губиме времето, ако не дадеме шанса на политикантите да ни ги носат политичките одлуки, туку на граѓаните следната година шансите се големи Македонија да стане земја членка на НАТО, истакна Шекеринска.
Минситерот за надворешни работи Никола Димитров од Скопје потенцира дека голема историска година имаме пред нас со големи крстосници.
-Многу чекавме. Од 1993 година сакаме да влеземе во НАТО, 25 години поминаа, 10 години откако не успеавме во Букурешт. Голема историска година имаме пред нас со големи крстосници. Успеавме прашалниците за тоа кои сме дали сме Македонци, дали зборуваме македонски јазик да ги затвориме. Тие сме. И успеавме да изградиме пријателство со три држави со кои имаме деликатни односи историски. Од тензии си направивме пријателство и другарство и благодарение на тоа ни се отвораат патиштата за НАТО и си имаме големо ветување за во јуни 2019 за ЕУ, изјави министерот Димитров.
Овој народ, како што рече, и овој народ тука, како што додаде, и оваа возбуда е затоа.
– Со цело срце сум тука и со цело срце се радувам. Јас пораснав и со овој проблем со оваа шанса. Дајте луѓе да се собереме да си ја оправиме државичката за да не биде, истакна Димитров.
Освен во Скопје, се славеше и во Битола, Велес, Гевгелија, Гостивар, Кавадарци, Охрид, Куманово, Кочани, Кичево, Прилеп, Струга, Струмица, Тетово и Штип. Изборот на градовите е направен согласно рамномерната географска застапеност. Граѓаните низ Македонија ги забавуваа и Дејан Декс, Дуке Бојаџиев, Горан Кан, Ферус Мустафов, Слаткар, Бени Нон Стоп + Златко Ориѓански, Ерик Фокс, Феки Ферис, Ареа, Кристина Арнаудова, Нокаут, Адријан Гаџа, Владо Јаневски, Лепи Џони, Баклава, Фолтин, Лозано, Дани Димитровска, Елена Ристовска, ДНК….
За организацијата на целиот настан ќе бидат обезбедени средства од буџетот на Владата на Република Македонија, а сумата, како што информираат оттаму, ќе биде објавена веднаш штом се завршат сите пресметки.