Актуелно
Македонија ги одбележува Денот на Европа и победата над фашизмот
Со повеќе активности во Македонија денеска ќе биде одбележан 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.
„Младите и мобилноста“ е настанот што го организира Националната агенција за европски програми и мобилност во соработка со новооснованата европска мрежа на културни институции EUNIC Скопје, Италијанскиот центар Данте Алигиери и Францускиот институт во Скопје.
Настанот, кој е по повод Денот на Европа, но и за 20 години Европски волонтерски сервис (ЕВС), предвидува работилници за тоа како младите да ја подобрат мобилноста во Европа, како да напишат CV и мотивациско писмо на повеќе јазици, како да го одредат јазичното ниво и како да дојдат до повеќе корисни информации на оваа тема. Настанот е отворен за сите млади и студенти кои би сакале да го надградат своето школување со студии на европски универзитети.
На Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово, пак, во рамки на кампањата „Младите за ЕУ“, ќе се одржи дебата од циклусот „ЕУ Ѕвезди“ на тема „Родова еднаквост“. Воведни обраќања ќе имаат вицепремиерот задолжен за европски прашања Арбр Адеми, деканот на Факултетот Ферат Полиси и координаторот на проектот Флорида Реџепи. На дебатата ќе учествуваат студенти, продекани и професори.
Во Берлин, нашата писателка Лидија Димковска ќе ја отвори „Долга ноќ на европската литература“ која по повод Денот на Европа ќе се одржи во „Дојче театер“. Димковска ќе прочита неколку песни на македонски јазик, а преводите на германски на Александер Зицман и на англиски на Љубица Арсовска и Пеги Рид ќе се читаат и проектираат на сцената на националниот театар.
На настанот ќе биде прочитан и заеднички манифест во однос на Европа и нејзината реалност.
По повод Денот на победата над фашизмот, Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија организира свечен собир по повод Денот на победата над фашизмот во Дом на АРМ во Скопје, додека во Прилеп, во Центарот за култура „Марко Цепенков“, со филмот „Белиот тигар“ во режија на Карен Шахназаров, ќе биде отворена Ревија на руски филмови. По проекцијата ќе биде прикажан и француско-рускиот филм „Нормандија Неман“ во реќија на Жан Древил и Дамир Вјатич – Бержни. Ревијата на руски филмови се реализира во соработка со Амбасадата на Руската Федерација во Македонија и Кинотеката на Македонија.