Актуелно
Мигрантите се превезуваат со автобуси и такси поради штрајкот на машиновозачите
Транспортот на мигрантите од Гевгелија до Табановце се одвива претежно со автобуси и такси возила поради штрајкот на машиновозачите од „Македонски железници“.
Според информациите од Железничка станица во Гевгелија вчера од кампот во Гевгелија кон Табановце заминале четири специјални возови со околу 2.000 мигранти, а останатиот дел од околу 4.000 мигранти биле превезени со автобуси и такси возила.
Од Железничка станица информираа дека и денеска ќе имаат редуциран превоз на мигрантите и оти ќе заминат најмногу три воза од Гевгелија до Табановце, а утрово сеуште не е тргнат ниту еден воз.
Поради ова, превозот на мигрантите се одвива со 50-тина автобуси и исто толку такси возила, од кои дел веќе се упатија кон северната граница. Според проценките, и во текот на денешниот ден се очекува низ земјава да транзитираат од пет до шест илјади мигранти.
Од почетокот на месецот до денеска Црвениот крст соопшти дека дистрибуирал 4.000 шишиња вода, 500 пакети со храна, 100 хигиенски пакети, 50 пакети за бебиња и 300 ќебиња. Во овој период извршиле и 2.000 медицински интервенции.