Актуелно
Министерот Јанакиески поднесе оставка
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески поднесе оставка на функцијата. За одлуката Јанакиески писмено го известил премиерот Никола Груевски.
Јанакиески во оставката истакнува дека смета оти со неговото заминување од функцијата ќе придонесе за стабилизирање на политичката состојба во државата.
– Сметам дека оваа моја оставка ќе придонесе за стабилизирање на политичката состојба во РМ и ќе овозможи нашата земја да продолжи да чекори на патот кон ЕУ и НАТО, се вели во оставката.
– Почитуван претседател Груевски,
Најнапред, сакам да Ви се заблагодарам за довербата и поддршката што ми ја дадовте во четири наврати да го предводам Министерството за транспорт и врски.
Во периодот од скоро девет години имаше многу предизвици, проблеми, многу непреспани ноќи, но моја водилка и мотив за работа беше реализацијата на проектите од програмите на Владата кои им ги ветивме на граѓаните на РМ.
Воведувањето на либерализацијата во мобилната телефонија со што се намалија цените на разговорите за цели 75 проценти, модернизацијата и изградбата на двата аеродрома и воведувањето евтини летови за 20 европски дестинации, изградбата на обиколницата околу Скопје, на патниот правец Табановце – Куманово, почетокот на изградбата на трите автопатишта во РМ, изградбата на десетици регионални и стотици локални патишта во сите општини на РМ, почеток на изградбата на пругата кон Бугарија и пругата Битола -Кременица, обновувањето на возниот парк во Градот Скопје и договорот за новите патнички и товарни вагони во железницата, изградбата на жичницата во градот Скопје и уште голем број други проекти кои ги реализиравме или се во фаза на реализација се со цел РМ да ја направиме подобро место за живеење.
Исто така, во овие девет години мандат спроведовме голем број реформи со кои го зголемивме квалитетот на живот на македонските граѓани и компании како на пример легализацијата каде над 120.000 граѓани веќе добија имотен лист, електронската распределба на секој ограничен ресурс во Министерството, како ЦЕМТ дозволите, автобуските линии, градежно земјиште, но исто така први во регионот ги воведовме и електронските системи за градење и планирање.
Почитуван претседател,
Гледајќи ја политичката состојба во Република Македонија и сите обвинувања кои се прават кон мене со разни лепени, монтирани и сечени и креирани разговори, каде не беа поштедени и членови на моето семејство, а со цел да не влијаам на било каква постапка, Ви ја доставувам мојата неотповиклива оставка од позицијата министер за транспорт и врски.
Сметам дека оваа моја оставка ќе придонесе за стабилизирање на политичката состојба во РМ и ќе овозможи нашата земја да продолжи да чекори на патот кон ЕУ и НАТО.
Во оваа прилика сакам да се заблагодарам до сите мои поранешни и сегашни колеги, но и на вработените во Министерството за транспорт и врски, кои придонесоа сите горенаведени проекти да се реализираат. Исто така, се заблагодарувам и до сите оние кои несебично се вложија и придонесоа да се реализираат проектите од програмите на Владата.
Имајќи го во предвид моето долгогодишно искуство како министер, Ви стојам на располагање за реализација на започнатите проекти на Владата на РМ, а по целосно завршување на евентуална правна процедура и за понатамошен ангажман, вели Јанакиески во оставката до премиерот Груевски.