Актуелно
Митровденска задушница – спомен за починатите
Православните христијани денеска одбележуваат Митровденска задушница во чест на душите на мртвите.
На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
Во православната црква, празникот Задушница секогаш паѓа во саботата пред празникот Митровден. Тогаш, верниците ги посетуваат гробовите на своите најблиски, таму држат помен и делат храна за душа на умрените. Притоа, во секоја црква се служи литургија за упокоените.
Митровденската, која е една од четирите задушници во годината, е востановена во XIV век и најпрвин била руска традиција, од каде што преминала и во повеќето православни цркви. На оваа задушница, во прво време биле спомнувани само православните војници, меѓу кои биле и двајцата монаси Александар Пересвјат и Ослабја од Московската обител на Живоначалната Троица кои паднале на браникот за верата и татковината. Димитриј Јованович Донски, откако ја извојувал победата во битката со Мамаите на Куликовското поле во 1380 година, во која погинале и двајцата спомнати монаси, ја посетил нивната света обител за таму да учествува во извршувањето на поменот за нив. Притоа тој предложил Црквата да го прави овој помен секоја година во Митровденската сабота, односно во онаа сабота која е најблиску до празнувањето на св. вмч Димитриј (08 ноември). Од тоа време Црквата ја приброила оваа задушница во вселенските родителски саботи, а нешто малку подоцна востановила во оваа сабота да се извршува помен не само за паднатите за верата и татковината војници, туку и за сите починати воопшто.