Познати личности ја промовираа кампањата „Чиста Преспа – Моја Преспа“
Под мотото ,Да ја оставиме чиста Преспа за идните генерации бидејќи од нив ја позајмивме, а ја добивме од претходните”, денеска на плажата Претор, започна најобемната кампања за чистење на Преспа.
Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски на прес- конференцијата по повод кампањата „Чиста Преспа, моја Преспа” порача да секој треба да си го исчисти својот двор.
-Водени од пораката „Да ја оставиме чиста Преспа за идните генерации бидејќи од нив ја позајмивме, а ја добивме од претходните, денеска на плажата Претор, започна најобемната кампања за чистење на Преспа. И не треба некој друг да почне, од сите нас зависи, секој нека тргне од својот двор, од својата улица, од своето маало. Само така ќе можеме да ја оствариме нашата цел- Чиста Преспа, моја Преспа”, изјави Гашаровски.
Нашите познати актери Игор Ангелов и Владимир Тулиев од денеска стануваат амбасадори на оваа кампања.
-Не сум од Преспа, но имам потекло од тука, веднаш ја прифатив улогата да бидам амбасадор на една ваква кампања. Секој дел од нашата Македонија е убав, ајде на почеток да ја исчистиме Преспа, истакна Ангелов.
Кон кампањата и подигање на свеста кај населението и создавање на чиста Преспа се приклучија Марјана Станојковска, Ирена Спировска, Божидар Божиновски, Таско, Бомбакис, Миро Кацаров, Елена Велевска, Татјана Алексиќ, Вера Мештеровиќ, Маја Тино, Бојан Велевски и многу други.
Она што следува во следниот месец е масовна кампања на чистење на Преспа и подигнување на јавната свест за еколошките предизвици. Општина Ресен има нови диви депонии, целта е на крајот на овој проект да зборуваме за почиста Преспа и за уредено крајбрежје, додаваат организаторите.
Сето ова ќе се спроведе преку еколошки акции за чистење на плажата Стење-Коњско, патеката и островот Голем град, плажата Претор, плажата Черти камен, приодниот парк Езерани, како и екоакции во Ресен за амфитеатарот, домот на културата и др. Ќе има чистење на дивите депонии Дрмени, село Љубојно, село Долно Дупени, село Сливница и други депонии.
-Во активностите ни се приклучија скоро сите невладини организации за екологија, Нула Отпад и Пакомак кои ќе постават и дополнителни контејнери за селекција на отпадот. Посебно значење за нас има Мониторинг станицата во Стење за вршење на анализи на квалитетот на водите во Преспанското Езеро и сливното подрачје, која е опремена со своја хемиска и биолошка лабораторија, и на располагање има еко-брод и чамец, а нејзините капацитети веќе се користат за одржување на обуки и работилници.
Сумирањето на резултатите е закажано за точно еден месец, изјави Гошаревски.